Бугарскиот државен врв, на средбите со еврокомесарот за проширување побарала Македонија со дипломатска нота да потврди дека дека името на државава не означува територијални претензии, немешање во внатрешните работи околу малцинските права и бришење на придавката бугарски пред фашистички окупатор на спомениците и во учебниците,изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања.

„Верувам дека сите овие месеци наназад градиме дополнителни пријателства, трговијата расте, имаме меѓусебни инвестиции во двете земји, соработката помеѓу институциите е сè повидлива, инфраструктурата помеѓу двете земји сè повеќе и повеќе се подобрува “ – изјави Заев.

Според него важно е и да се реагира во спречување на говорот на омраза, пред сè самите институции да водат грижа низ сите свои активности да градат пријателство, а не да провоцираат одредени непријателства, но и да дејствуваме со разговори, со апели, кога се работи за приватни субјекти.

Во однос на спомениците, македонскиот премиер рече дека тие треба да бидат во пријателски дух, посочувајќи дека фашизмот не смее да има етничка димензија.

„Кај одредени наши споменици веќе тоа е направено. Каде што стоело бугарски фашистички окупатор сега веќе е фашистички окупатор, затоа што не можете нација да обвините за тоа” – рече Заев.

На новинарско прашање дали ќе се менуваат учебниците по историја, Заев рече дека нема, туку се зборува за термини каде што стои називот на пријателската нација, тоа е Бугарија поврзана со фашистичкиот окупатор.

„Никаде во Европа не се спомнува името на нацијата, се спомнува фашистичкиот окупатор и во тој дух, во духот на пријателството, соработка и добрососедство нормално очекуваме тоа да се направи. Имаме препознаено одредени слабости и во бугарските учебници, спремни се исто така и од бугарската страна тоа да го направат“, истакна Заев.