„Не е точно дека сум имал тајни средби со Ахмети и Груевски и сум договарал измена на Кривичниот законик. Изјавата на Ахмети не е вистина“, изјави поранешниот премиер Зоран Заев во изјавата за ТВ 24 откако лидерот на ДУИ претходно во интервју за истата телевизија рече дека изминативе неколку години имало неколку тајни средби во врска со измените на Кривичниот законик, со кои, меѓу другото, се намалуваат казните за злоупотреба на службената положба.
Имено Ахмети кажа дека три години било разговарано, дебатирано со опозицијата и во тоа време била преземана заедничка иницијатива ДУИ, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за да се укине стариот законик.
„Првично не се согласуваше Зоран Заев и потоа кога се договаравме за да се укине договорот со СДСМ, зашто СДСМ првично се повлече, кога се договоривме со СДСМ се повлече ВМРО-ДПМНЕ. Се повлече Христијан Мицкоски од измената на Кривичниот законик и ова беше големо изненадување“ рече Ахмети.
Според него имало десетици средби во Клубот на пратеници за измена на овој Законик и негово усогласување со европските стандарди. На тие средби имало работни групи.
„Средбите се остварени на многу таен начин помеѓу Зоран Заев, Никола Груевски и мене. Сме разговарале со часови и со денови. Дојдовме до момент кога се согласивме сите и на крај се повлече ВМРО-ДПМНЕ“, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во интервјуто за ТВ 21.
Наводите за тајни средби во врска со измените на Кривичниот законик синоќа во објава на Фејсбук ги демантираше и експремиерот Никола Груевски, според кој „немало никакви тајни средби на кои тој учествувал“ а се однесувале на измените на членот 353 со кои се намалуваат казните за злоупотреба на службената положба.
Членот 353 од Кривичниот законик, пишува Груевски во објавата на Фејсбук, како несоодветен на кривичното законодавство на Европската Унија, е споменуван неколкупати на маргините на други состаноци организирани за правни прашања на различни нивоа до 2018 година.
„Но, никогаш не се влезе во некоја фаза на реализација, бидејќи во тоа време приоритет на власта беше што посилен да е политичкиот прогон, а не усогласување на законодатвстото со ЕУ, особено ако тоа може да им попречи во злосторничките намери на Зоран Заев“, вели Груевски во објавата на Фејсбук.
