Европскиот суд за човекови права(ECHR) на кој се обратија родителите на деца од Чешка кои не беа примени во градинка поради тоа што не биле вакцинирани, оцени денес дека задолжителната вакцинација е „неопходна во демократско општество“, јавува Дојче веле.

„Оваа пресуда ја зголемува можноста за задолжителна вакцинација во сегашната епидемија на ковид-19“, изјави за агенцијата Франс Прес, адвокатот Никола Ервије, специјализиран за ECHR

Сепак, тој ја нагласува „слободата на проценка што Судот им ја остави на државите во врска со прашањето за политиката за вакцинација“.

Експертот исто така посочува дека во одлуката на Судот констатира „генерален консензус за позитивните ефекти од вакцинацијата, што не се доведува во прашање поради неизбежните несакани ефекти затоа што постои строга научна контрола“.

Судот, како што додава, го поддржува „принципот на социјална солидарност што може да го оправда наметнувањето вакцинација на сите, дури и на оние кои се чувствуваат помалку загрозени од болеста, кога станува збор за заштита на најзагрозените лица“.