Драстичен пад на ентузијазмот кај српските граѓани во однос на Европската унија бележи истражувањето на јавното мислење во март, според кое 46 проценти од граѓаните би гласале на референдум за влез во ЕУ, но само 21 отсто од анкетираните имаат позитивен став за Унијата!

Резултатите беа објавени во рамките на дводневната конференција „(Погрешните) перцепции на Европската унија на Западен Балкан“, организирана од универзитетите во Перуѓа, Белград и Загреб во рамките на проектот „Жан Моне“ (Еразмус плус) на Европската унија.

Во последните седум години трикратно е зголемен бројот на граѓани на Србија што мислат дека нивната држава никогаш нема да влезе во ЕУ – од 14 проценти во 2015 година на 43 отсто во април годинава.

Во 2008 година 32 проценти од српските граѓани сметале дека Србија не треба да го продолжи европскиот пат ако услов за членство е признавање на независноста на Косово, за во 2022 година тој број да се искачи на 49 отсто.

Позитивен став спрема Русија во март годинава изразиле 65 проценти од испитаните во Србија, 63 отсто имале такво мислење за Кина, а за САД само 8 отсто.