Доколку патувате во Бугарија, веќе не ви е потребен ковид сертификат.
Одлуката важи од утре. Патниците кои во Бугарија пристигнуваат од Република Северна Македонија, Турција, Романија, Србија, Унгарија, Полска, Чешката Република, Словачка, Израел и Египет при влез во државата веќе не се обврзани да поседуваат дигитален Ковид сертификат. Трупите на НАТО кои учествуваат во меѓународни вежби и мултинационални контингенти и придружници на цивили, не се обврзани да презентираат дигитален ЕУ Ковид сертификат за вакцинација, прележана болест или негативен тест.
Во Македонија се намали бројот на заразени со коронавирусот.
За 24 часа има 150 заразени, а бројот на активни во државата е 1.111.
И соседна Грција има ковид олеснувања за летната сезона: Укинување на мерките, од мај до август, најави министерот за здравство Танос Плеврис од Делфи, каде што се одржува 7. Економски форум.
Од септември тестот повторно ќе се воведе, пишува грчкиот портал „Енимеротико“.
Тоа практично значи дека на невакцинираните нема да им бидат потребни тестови за да седат на отворени простории во барови, кафулиња, ресторани и ноќни клубови, и оваа мерка ќе потрае во текот на летото.
„Не ја игнорираме пандемијата, но влегуваме во нова регулатива за укинување на ограничувањата, но подготвени сме за есента и за вакцинацијата. Овој Велигден ќе го поминеме со мерките кои важат денеска, бидејќи историски датум за опуштање е 2 мај, односно денот кога е поместен Први мај“, вели грчкиот министер за здравство.
По крајот на летото, грчките здравствени власти веќе ставија до знаење дека мерките ќе се вратат.