За „суштината на маката“ на Владата во дефинирањето на националните интереси – Пишува Митко Б. Панов

Прес-конференцијата на заменикот претседател на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и претходен министер за надворешни работи, во која проговори за „суштината на маката“ на Владата во спорот со Бугарија, се сведе на себе-промовирање како главен заштитник на нацијата, со нагласувањето на неговата клучна улога во „дефинирањето на националните позиции“.

Навистина, улогата на Димитров во дефинирањето на националните позиции на Владата е неспорна, бидејќи тој е потписникот на Преспанскиот договор и заедно со премиерот Заев, беа главни промотори и пропагатори на „забетонираниот“ македонски идентитет.

Притоа, Димитров предупреди дека македонските граѓани треба да стравуваат, бидејќи по неговата смена и отсуство во старо-новата Влада, ќе нема повеќе кој правилно да ги дефинира и да ги заштитува националните интереси.

Вака поставената „суштина на маката“ на Владата, го наметнува клучното прашање – кои национални интереси биле заштитени додека истите ги дефинирале Димитров и Заев? Дали националните интереси беа заштитени, кога во нивниот мандат од 2017 година:

– беа потпишани Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција, кои имаат за цел ставање крај на македонското прашање,
– Беше сменето уставното име на државата и на нацијата, наспроти изборната програма на партиите и консултативниот референдум,
– Уставот се претвори во средство за политичка алатка и задоволување на националните интереси на други држави,
– Македонците се сведоа на безимена нација со коса црта / „граѓани на Република Северна Македонија“,
– Беше забрането користењето на придавката македонски за идентификување на нацијата и државата,
– Со промената на името и со забраната на придавката македонски како национален атрибут беше избришана и македонската нација,
– Македонци и македонски повеќе не претставуваат идентитетски ознаки за национално себе-идентификување и за воспоставување на легален линк со државата и нацијата,
– Беа преименувани сите национални институции – армијата, полицијата, архивите, музеите …, кои од македонски станаа „на Северна Македонија“
– Не постои повеќе македонска армија, македонска полиција, македонска национална репрезентација … туку на „Северна Македонија“,
– Се настојуваше, но не се успеа со закон да се промени името на Македонската академија на науки и уметности, во Академија на науки и уметности на Република Северна Македонија,
– Беше избришан „Манифестот на АСНОМ до македонскиот народ“ од Уставот, пришто државата и нацијата беа историски редефинирани,
– Беше донесена т.н. „Концепција за реформи во основното образование“, наспроти категоричното противење на академската заедница и високообразовните и научни национални институции,
– Под превезот на образовните „реформи“ беа укинати учебниците по историја – воведени со АСНОМ-ските одлуки – со што беше создаден простор за полесно артикулирање на условувањата на соседите за ревизија на македонскиот национален наратив,
– Беа именувани членови на комисија за историски и образовни прашања со Бугарија, кои селектираа личности од македонската национална историја, за да ги врамат во политичкиот концепт на „заедничката историја“ со Бугарија и со тоа да ги „бугаризираат“,
– Беа именувани членови на комисија за историски, образовни и археолошки прашања, кои го легитимираа политичкиот договор за хеленизација на сѐ што е поврзано со античката историја на територијата на Република Македонија, и не само на античката, туку сѐ до 1944 година,
– Преку комисијата за историски и образовни прашања со Бугарија, беше промовирана политиката на „денационализација“ на македонскиот национален наратив, кој обезличен преку концептот на „мултиперспективност“ во хибридните учебници, треба да им се сервира на новите генерации „Северномакедонци“ како безидентитетска меморија. Членови, кои истовремено беа главни промотори на концепцијата за „реформи“ во образованието и заговорници за укинување на учебниците по историја, чијашто содржина тие ја ревидираат!
– Спротивставувањето на т.н. „антиквизација“ беше заменето со „хеленизација“, со што античка Македонија и античкото општоцивилизациско културно-историско наследство, во согласност со политичкиот договор, беа декларирани за „хеленска сопственост“,
– Историските имиња Македонија и Македонци, беа политички дефинирани како „хеленски“, кои историски немаат ништо заедничко со Словените и со нивното само-идентификување,
– Беа поставувани натписи на сите антички споменици, со кои беше маркирана „хеленската сопственост“ на античкото наследство на територијата, како историска припадност,
– Беа брусени шахтите со знамето од Кутлеш,
– Политички се тргуваше со средновековната историја на Македонија, со што беше оспорено постоењето на македонските Словени, додека св. Кирил и Методиј (а со тоа и словенската азбука) Климент и Наум Охридски, цар Самуил и неговата црква – Охридска архиепископија, беа прогласени за дел од „заедничката историја“ (бугарска), а со одлука на Владата „при секое официјално чествување на овие личности потребно е историската вистина за нашата заедничка историја јасно да се одбележува“,
– Македонското политичко раководство се согласи да се преговара комисиски за определување на идентитетот на Гоце Делчев и за другите македонски национални дејци,
– Премиерот Заев се согласи да се избришат историските сведоштва на сите натписи од Втората светска војна на територијата на Република Македонија, на кои е наведено „фашистички окупатор“, како и од содржината на хибридните „мултиперспективни“ учебници, во кои ќе треба да се користи исклучиво терминот администратор,
– Премиерот Заев се извинуваше што ја нарекол фудбалската национална репрезентација македонска,
– Македонското политичко раководство се согласи со Португалскиот предлог за решавање на спорот со Бугарија, што директно задира во историската генеза на името на државата и посебноста на македонскиот јазик и го дефинира македонскиот идентитет, што во крајна линија значи откинување на географската и историската врска на македонскиот народ со територијата на Македонија, што го прави историски непостоечки, како и македонскиот јазик,
– Беше даден одговор на бугарските барања за пакетот 5+1, со кои преку политички акти историски се делегитимира постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик, со што се исклучува смислата и значењето на македонскиот идентитет.
– Беше употребувана празната флоскула за „забетонираниот“ македонски национален идентитет, а кој повеќе го нема!
– Патриотите беа (дис)квалификувани како националисти,
– Академиците и универзитетските професори кои не се согласуваа со политиките на Владата беа окарактеризирани како провокатори и ширачи на омраза,
– Историчарите кои се противеа на политички наметната ревизија на националната иторија беа оквалификувани како анахрони и националисти,
– Сосема малата и изолирана група историчари кои безрезервно ги поддржуваа и имплементираа политиките на Владата во рамките на комисијата за историски и образовни прашања и истовремено беа креатори во конципирањето и спроведувањето на образовните „реформи“, ги обвинуваа другите историчари за политикантство и ревизионизам,
– И на крајот – Да, државата влезе во НАТО, но со сменето име и со непризната безимена нација.

Оваа кратка ретроспекција, која може да се надополнува, сосема јасно илустрира како Димитров и владите предводени од премиерот Заев, ги дефинирале национални интереси, односно како ги разбирале и ги заштитувале во име на граѓаните и нацијата, која повеќе не е македонска!

Оттаму, драматичното предупредување на Димитров дека неговата смена ќе ги загрози националните интереси во спорот со Бугарија, го наметнува прашањето дали тоа значи дека се подготвува финално „решавање на македонскиот народ“ што го најави Заев пред нешто повеќе од една година? (Митко Б. Панов, „Ќе го ‘реши’ ли Зоран Заев и македонскиот народ,“ Expres, 29.11.2020).

Дали Димитров алудира на подготвеноста на новата Влада да ја надмине „маката“ во спорот со Бугарија со нудењето на „правилен“ одговор со кој ќе го реши равенството поставено од Бугарија: 5+1 = историска делигитимизација и демакедонизација на македонскиот народ?!

Проф. д-р Митко Б. Панов
Редовен професор во Институтот за национална историја