Од фотографијата која е објавена на социјалните мрежи не може да се види каде се потрошени огромните пари кои МНР на Бујар Османи од ДУИ ги даде на фирма донатор на ДУИ за адаптација на спортска сала за потреби на конференција.
Од фотографијата се гледа дека градежната фирма „Еуровиа“ од Желино која го доби тендерот за преадаптација на Спортскиот центар „Борис Трајковски” за министерската конференција на ОБСЕ поставила завеси на делот каде седи публиката, теписон на теренот каде се играат натпревари и има поставено столчиња кои бездруго не се купени туку изнајмени.
Нема никаква логика да се купуваат столчиња за една употреба.
Според цените на подни решенија од типот какви што користи Еуровиа во Борис Трајковски и завесите кои се поставени во салата за оваа ставка не би требало да се потрошени повеќе од стотина илјади евра со што се отвара дилемата каде ќе завршат сите огромни 1,8 милиони евра дадени од Османи на донаторот на ДУИ.
На кои други ставки се потрошени парите допрва ќе треба да каже фирмата но и организациониот секретар на МНР Идриз Фазлиоски кој на тајна средба на владата неделава беше именуван за генерален конзул во Истанбул.
Фазлиоски е главниот финансиски логистичар на Османи во МНР од каде излезе уште еден скандалозен тендер, изнајмување на возила за околу 5000 евра за два дена по парче во вкупна вредност од речиси еден милион евра.
Финансискиот логистичар за скандалозните набавки на Османи во МНР доби висока дипломатска функција
Тендерот за ОБСЕ е во вредност од 1,8 милиони евра, a според документацијата, предмет на тендерот е „Набавка на работи за внатрешна адаптација и надворешно уредување на Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ во функција на одржување на Конференцијата на Министерскиот совет во рамки на претседавањето на Република Mакедонија со ОБСЕ, во декември 2023 година“.
МНР и фирмата не може да вадат на високите цени со итна набавка затоа што Еуровиа тендерот го добила пред речиси 4 месеци.
Според МНР „избраната компанија била далеку поевтина од останатите компании, а изборот е целосно транспарентен и согласно процедурите“.
„Владата на Република Северна Македонија го задолжи Министерството за надворешни работи, како носител на буџетот за претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, да спроведе постапка за набавка на градежни и други работи и услуги за реализација на внатрешната адаптација и надворешно уредување на Спортскиот Центар БОРИС ТРАЈКОВСКИ во Скопје за одржување на Конференцијата на министерскиот совет на ОБСЕ. Станува збор за најголемиот меѓународен политички настан кој некогаш се организирал во државата на кој ќе присуствуваат околу 70 министри за надворешни работи на земјите учеснички на ОБСЕ“ велат од МНР.
Оттаму велат дека „адаптацијата на објектот на спортскиот Центар Борис Трајковски задолжително мора да се направи почитувајќи ги стандардите и безбедносните протоколи на ОБСЕ. Овој настан секоја земја претседавач го организира на крајот на годината од своето претседателство. За таа цел беа направени соодветни проценки на потребните работи кои беа одобрени од централата на ОБСЕ, а кои предвидуваат голем обем на работи утврдени со техничка спецификација согласно барањата на организацијата“.