„Ванчо Михајлов“ и понатаму „живее“ во Битола една недела по бришењето од Централниот регистар на „културниот клуб“ на Бугарите со тоа име, за разлика од „Цар Борис Трети“ во Охрид, од кој нема ни трага ни глас на локацијата на која Македонците во неколку наврати го изразуваа својот револт.
Министерот за правда Кренар Лога го потпиша решението за неусогласеност врз основа на добиеното негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња на личности за употреба на името Цар Борис III во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари Цар Борис III Охрид. Решението ќе се достави до Централен регистар за понатамошно постапување.
Во очекување на бришењето и на овој „клуб“, во Охрид нема никакво обележје на „Цар Борис Трети“, за кој Комисијата во образложението на својата одлука оцени дека е одговорен за злосторства извршени за време на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, при што се ликвидирани стотици граѓани. Комисијата потенцира дека неговото сојузништво со Хитлер и со Третиот рајх, како и нагласената антисемитска политика, се најдиректно одговорни и за депортацијата на 7.144 Евреи од Македонија во логорот на смртта Треблинка.