Наспроти премиерот Димитар Ковачевски, кој си ја зацрта 2030 година како реална за влезот на Македонија во Европската унија, српскиот претседател е сигурен дека неговата земја нема наскоро да стане дел од Унијата.
„Малку сум песимист кога станува збор за можноста Србија да влезе во ЕУ во релативно блиска иднина. Не само Србија, туку и сите останати во регионот. Преговараме, но ќе видиме. Имаме различни ставови со ЕУ“, рече Вучиќ на панелот „Проширување на европскиот хоризонт“ во рамките на Светскиот економски форум во Давос, додавајќи дека „нема големи соништа“ во врска со членството.
„Не сме толку ентузијасти како порано, а на некој начин ни ЕУ не е полна со ентузијазам кога станува збор за нас. Тоа се фактите и сите бројки на ЕУ покажуваат, а јас ги следам бројките во регионот, дека популарноста на ЕУ опаѓа во регионот. Посебно во Северна Македонија и во Србија, дури и во Црна Гора“, истакна шефот на српската држава, оценувајќи дека тоа е очекувано поради различните нивоа на политички притисок, за Србија околу Косово, а за Македонија поради националниот идентитет.
Вучиќ повтори дека не знае дали утре или задутре Србија ќе биде дел од ЕУ, но дека знае оти таа нема брзо да стане членка на Унијата.