На Одделот за дигестивна хирургија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е изведена исклучително сложена лапароскопска интервенција при што е отстранет голем тумор на од панкреас кај 44-годишна пациентка.

Се работи за високоспецијализирана лапароскопска процедура, која се изведува во врвните медицински центри во светот, а кај нас за првпат ја изведе докажаниот абдоминален хирург проф. д-р Владимир Димов со неговиот тим д-р Ален Јовчевски и д-р Моника Симоновска.

Kaj пациентката бил дијагностициран тумор на телото на панкреасот со големина од околу 6-7 сантиметри, кој се ширел кон главата на панкреасот. Интервенцијата траела 3 часа при што била изведена повеќе од двотретинска ресекција на панкреасот, и при тоа била отстранета и слезината. Целата интервеција била изведена по лапароскопски пат.

Ваквата хируршка процедура, како што вели проф. д-р Димов, претставува многу високо ниво на лапароскопска хирургија и, според нашите сознанија, за првпат е изведена во земјава. Пациентката се чувствува одлично и по четиридневна хоспитализација е испишана на домашно лекување со сосема уредна постоперативна состојба.

“Наша огромна чест и задоволство е што токму во „Аџибадем Систина“ е изведена првата ваква високоспецијализирана лапароскопска процедура, каква што се прави само во реномираните светски центри и задоволство ни е што станува достапна и за нашите пациенти. Интервенцијата е изведена од докажан и искусен лекарски тим од „Аџибадем Систина“ предводен од проф. д-р Владимир Димов, кој е еден од пионерите на лапароскопската абдоминална хирургија и кај нас и како таков е познат и во Европа и пошироко, велат од Аџибадем Систина КБ за интервенцијата од каде се додава дека на Одделот за дигестивна хирургија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ секојдневно се прават голем број успешни лапароскопски операции, но ова е една од најсложените лапароскопски процедури изведена досега.

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ располага со врвна опрема за изведување најсложени лапароскопски операции во абдоминалната хирургија. Станува збор за последна генерација на лапароскопска технологија, со која хирурзите имаат можност за јасен и детален приказ на оперативното поле, со што се гарантира максимална безбедност за пациентот и успех на интервенциите.