Претседателот Стево Пендаровски нема(л) проблем ниту со барањето на Алијанса за Албанците и на БЕСА за бришење на условот од 20 проценти во Уставот и за прогласување на албанскиот јазик за официјален во Македонија, ниту со тоа за запишување и на Бугарите во Преамбулата.
„Што е спорно? Не е спорно. Јас сум го кажувал тоа уште пред неколку години: не мислам дека ако албанската заедница што живее во Македонија смета дека тоа е навредливо за нив – да не бидат претставени како бројка, туку како идентитет – немам никаков проблем да ги ставиме, наместо 20 проценти, да биде ‘албански јазик’ или ‘албански народ’. Значи, не можам да видам што тука ја загрозува независноста, внатрешната стабилност на нашава држава, навистина не гледам. Каква беше суштината на бугарското барање? Што е спорно ако и Бугарите бидат во Преамбулата на Уставот?“, праша Пендаровски во интервјуто за ТВ Сител.