За насилство на социјалните мрежи – затвор за директорите

Австралија ќе ги казни социјалните мрежи со до десет проценти од годишниот приход, а директорите на компаниите до 3 години затвор доколку „експресно“ не отстранат насилни содржини.

Новиот закон, донесен вчера во австралискиот парламент, е одговор на масовното убиство на 50 луѓе во две џамии во Нов Зеланд, од кое имаше „пренос во живо“ на „Фејсбук.

Корисниците на оваа социјална мрежа можеа повеќе од еден час да го следат морничавиот напад пред тој да биде отстранет.

„Гугл“ веднаш одговори на новиот закон, со изјава дека „нема да толерира терористичка содржина” на своите платформи.

Фејсбук сè уште не го коментираше новиот закон, но минатата недела компанијата соопшти дека се размислува да ограничи пристап за содржини во живо.