Нова српско-хрватска вербална војна предизвика изјава на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ за неговиот српски колега Александар Вучиќ, на која изреагира министерот за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин.
Коментирајќи ја евроинтеграцијата на Србија во рамките на дебатата на Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк на тема „Кризи во настанување и конкурентски наративи“, Милановиќ оцени дека „најтешка работа“ е тоа што Вучиќ „беше еден од најистакнатите воени хушкачи во 1990-тите“ и тоа го смета за пречка.
Според шефот на хрватската држава, Србија, која ги почна преговорите со Европската унија во 2014 година и досега отвори 18 поглавја, а привремено затвори две, „нема силна намера“ да влезе во ЕУ, за разлика од Македонија и од Албанија, кои „силно се трудат и се борат“.
„Во Хрватска политичарите се делат на отворени и на прикриени усташи“, реплицира Вулин, додавајќи дека Милановиќ, не знаејќи дека се снима, „гордо ги призна своите усташки корени на состанокот со т.н. бранители, докажувајќи дека им припаѓа на прикриените следбеници на усташкото движење“.
„Тој докажа дека е еден од поглупавите хрватски политичари кога се обиде да ја затвори границата со Србија во 2015 година, а тоа го потврдува секој ден кога ги напаѓа Србија и Вучиќ“, рече шефот на српското МВР.