Во рамки на настанот кој што го организираат ,,Пријатели на Европа” на ,,40 највлијателни личности под 40 години”, во Загреб разговараме за најзначајните теми со кои што се соочува Европа и ЕУ, објави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски.

,,Успеав во дискусиите да ја отворам темата која што се однесува на европските интеграции на Македонија. При што јасно утврдивме дека постојат две значајни пречки, прва секако е ветото кое што Бугарија го става на нашето членство во ЕУ.

Но, втората е проблемот со високото ниво на корупција која што за жал го практицира оваа власт на СДСМ и ДУИ. И затоа се потребни промени и предвремени избори. Исто така разговаравме и за новиот предлог кој што го даде претседателот на Франција, Макрон околу постоењето на условно кажано две сојузувања во Европа, едното во рамките на ЕУ и второто во една поширока политичка Европска заедница.

Сметам дека за Македонија, членството во Европската Унија нема и не смее да има алтернатива, не смее да размислуваме на ниеден друг проект, освен на полноправно членство во Европската Унија. Затоа што тоа Македонија и Македонците и граѓаните на Македонија го заслужуваат.

Во исто време, мора силно да се работи на борба со организираниот криминал корупција, воспоставување на функционален систем на владеење на правото и силни реформи, како и економско покренување на Македонија кои што ќе водат кон успешни преговори за членство со Европската Унија и членство во Европската Унија.

Затоа што ако Македонија е стабилна и средена држава во која што има функционален систем на владеење на правото, има ниско или нема ниво на корупција и исто така има добра економија, европските земји ќе сакаат Македонија да е членка на Европската Унија.

За тоа е потребна промена на владата, брзи предвремени избори и една реформска Влада која што ќе е предводена од ВМРО-ДПМНЕ”, вели Николоски кој нема дилема дека местото на Македонија е во ЕУ, а не во втора лига, а таму ќе ја однесе влада на ВМРО-ДПМНЕ.