За Ковачевски, добро било тоа што интерес за влез во Уставот покажале и Торбешите?!

Премиерот Димитар Ковачевски поддржува ерозија на македонското етничко ткиво или „само“ ги навреди Македонците-муслимани, нарекувајќи ги Торбеши, во контекст на измените на Уставот заради вклучување на Бугарите во него?

Објаснувајќи дека уставните измени се регулирани со законска и со уставна процедура и оти најпрво треба да се напишат амандманите, Ковачевски во интервју за „360 степени“ на телевизијата Алсат-М рече: „За тоа се потребни експерти, тие ќе бидат ангажирани во текот на наредниот период за да ги напишат амандманите во однос на вметнувањето на други граѓани кои се самоопределуваат различно од оние што веќе се запишани во Уставот, односно Хрватите, Црногорците, Бугарите, меѓутоа интерес изразија, и тоа е добро според мене, и Евреите, Торбешите и Египќаните, кои се дел тука од нас“.

Терминот „Торбеши“ има негативна и погрдна конотација кога се поврзува со Македонците со исламска вероисповед, кои се составен дел од македонскиот народ и со тоа веќе се впишани во Уставот. Оттука, нејасно е „што сакал писателот (Ковачевски) да каже“ кога одобрува нивно издвојување како посебен етнос, со што бројот на Македонците во Република Македонија би се намалил за 40-100 илјади!

Ова не е првпат да се спомнуваат Торбешите во врска со Уставот – пред Ковачевски за тоа се заложи неговиот претходниот на премиерската и на лидерската функција во СДСМ, Зоран Заев.

„Отсекогаш ставот на Владата бил дека пред влезот во ЕУ мора да го отвориме Уставот. Една од причините се помалубројните заeдници кои живеат тука и треба да се внесат. Тоа го направи Хрватска пред влезот. Имаме подготвеност, не само за Бугарите, туку и за Хрватите, Торбешите, Египќаните, Австријците, Романците и други, кои и да ги имаме, од помалубројните етнички заедници. Ние сме отворено општество, европска земја и ќе го следиме примерот на европските земји“, изјави тогашниот претседател на Владата во март 2021 година.