Шефот на немакедонската дипломатија – Пишува Роберт Димитриевски

Чиј министер за надворешни работи е Бујар Османи? Чија (надворешна) политика спроведува? Чии интереси штити? На која држава, народ?

Овие прашања сами по себе се наметнуваат по најавата на шефот на дипломатијата од Софија дека ќе предложел до Владата да ги испрати измените на Законот за здруженија и фондации во Венециската комисија за мислење. Истите тие законски измени поттикнати од отворањето на бугарските културни клубови „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид, кои само пред шест дена ги усвои македонското Собрание со 67 гласа „за“ и ниту еден воздржан и против. Згора, поздравени и од еврејската глобална организација за човекови права „Центар Симон Визентал“.


Значи, тамам политичките и другите општествени чинители во Македонија се обединија за потребата од забрана за основање и за дејствување на здруженија на граѓани именувани по лица поврзани со фашизмот и со нацизмот, тамам се формира консултативно тело што прво ќе дава мислење за тоа, ете ти го Османи сам против Владата чиј член е и против мнозинството во Парламентот! Како да е Министерството за надворешни работи на татко му, тој се нашол најповикан да бара преиспитување на тоа што се прифатило и се изгласало со консензус од присутните пратеници?!

Не толку одамна истиот тој Османи го игнорираше мислењето на истата таа Венециска комисија за Законот за употреба на јазиците, според кој неговиот мајчин албански стана службен на целата територија на македонската држава, вклучувајќи ги и средините во кои не живее ниту еден Албанец. Реализираното ветување од експремиерот Зоран Заев до албанската дијаспора во Швајцарија, како дел од Тиранската платформа што партиите на Албанците во Македонија ја договорија пред албанскиот премиер Еди Рама, Венециската комисија го оцени како екстензивно и тешко употребливо, посебно во судските постапки.

Но, Османи, за кого сегашните владини партнери од СДСМ додека беа во опозиција најавија кривична пријава за злоупотреби направени за време на неговото министерување во здравството, но замолчија кога формираа Влада со неговата ДУИ, веќе неколку години мува не го лази за забелешките на Комисијата. Наместо да постапи според нејзините укажувања, изигруваше инспектор за спроведување на законот, одејќи од институција до институција и заканувајќи се со казни за тие што не поставиле двојазични табли.

И тогаш, и сега, Бујар се однесува како шеф на дипломатијата на Албанија, на Косово и/или на Бугарија, па дури и го завикаа Бугар Османов, а најмалку се води од интересите на мнозинството граѓани што го полнат буџетот од кој тој добива плата. Арно ама, несреќине од партијата што своевремено (лажно) се декларираше како државотворна не смеат да писнат за лупинзите на узурпаторот на првата фотелја во македонското МНР, бидејќи власта им зависи од политичкото крило на некогашната ОНА.

И така. Кучињата лаат, карванот си врви, а на Османи не само што не му фали ни влакно од главата, туку побушав е од кога и да е порано. Како надворешната политика што ја води за сметка на Македонците.