„Нашите момчиња ја прават горда целата нација. Скромни, вредни, посветени, патриоти и професионалци во својата работа“, напиша на Фејсбук вицепремиерот Артан Груби по победата на Албанија над Чешка од 3:0 во квалификациите за Европското првенство во фудбал.

„Нашите, Албанците, Јасир Асааааани!“, ќе вресне во друга објава на социјалната мрежа заменик-претседателот на Владата за политички систем и односи меѓу заедниците за стрелецот на првиот гол против Чесите.

Ќе објави Груби и дека го примил во својот кабинет двојниот стрелец Таулант Сефери од Куманово, со кој „ја споделил радоста за големата победа“.

„Корените на успехот на репрезентацијата лежат во единството! Посакувам победничките патеки да продолжат и во ноември да го славиме големиот успех со пласман меѓу најдобрите во Европа!“, ќе додаде огнениот навивач на Албанија.

Прашање од милион долари за првиот заменик на премиерот Димитар Ковачевски: чии се Барди, Муслиу, Адеми, Алиоски, Елмас, Димитриевски, Миовски и соиграчите, ако (му) се „наши“ репрезентативците на западниот сосед.

Како тоа член на македонската влада има време да прими фудбалер кој ја избра Албанија пред Македонија, и тоа откако играше за сите македонски селекции во младинските категории? А „нема време“ истиот ден да појде до Прага за да ги бодри репрезентативците на државата во која е висок функционер? И тоа откако два дена претходно беше во Тирана за да навива за Албанија?!

Приватна работа е кој кого симпатизира и со кого се среќава сè додека за тоа не ги (зло)употребува просториите на министерството со кое раководи, кои не се на татко му, туку на државата Македонија. Во истиот кабинет во јуни го прими Асани, сега Сефери. Македонскиот капитен Барди и неговите репрезентативни колеги кој ги врти…

Каква е пораката што ја испраќа Груби? Дека Албанија му е пред Македонија? Дека Албанците што настапуваат за македонскиот национален тим ќе го заслужеле неговото внимание ако го следеле примерот на Сефери?

Може ли некој воопшто да замисли вакво однесување на британскиот премиер Риши Сунак, на пример? Индиецот по потекло да прими репрезентативец на Индија во крикет дента кога пресуден меч игра Англија?!

Или лондонскиот градоначалник Садик Кан да објавува „хвалоспеви“ на социјалните мрежи за спортски успеси на Пакистан, родната земја на своите родители, додека Англија се бори за пласман на големо натпреварување?

Незамисливо? Токму како и очекувањето за трансформација на некогашниот хулиган што се тепаше со „комити“ на Кале во политичар со минимум лојалност кон земјата во која е роден, живее и добива плата за да (не) го работи тоа што го работи. И со минимум почит за сонародниците и за сите други што го носат македонскиот дрес и за кои навива цела Македонија, без оглед на национална, верска, политичка или не знам каква припадност. Затоа што ја претставуваат Македонија. Исто како и Груби. Сакал тој или не.