Пишува: Свето Тоевски

Нашите „блаженејши братја Болгари“ – неуморни душмани на македонската самобитност, Неговото Великопреосвештенство г.г. Макрон, Неговото Великопреосвештенство г.г. Шолц, сиот „Архиерејски синод на Европската Антимакедонска Унија – Бриселска Архиепископија“, сите до еден се во право: со потпишувањето на протоколот и со усвојувањето на „францускиот предлог“ ние и навистина веднаш ќе влеземе во Европската Унија! Како Бугари! Не како Македонци!

Уште веднаш ќе можеме да добиеме европски, бугарски пасоши! Што ќе ни се Самоил, Гоце, Мисирков, Конески, кога нас, македонските беспарешковци веќе на првото ќоше ќе не чекаат „европски мед и млеко“ и „бугарски татлии“!

Целта на „северните политичари“ е влез токму во Бугарската Унија, нималку не во Европската Унија! Ова молневито ставање на „францускиот предлог“ директно на парламентарна пленарна седница значи само едно: дојде часот да се обзнани дека поправо се било однапред прифатено и потпишано, а сега само треба на македонскиот народ да му се сервира и да го „проголта“ завршното македонско национално предавство, во режија на ДУИ и во „сослужение“ на Ковачевски, СДСМ и божем-македонските пратеници!

Во февруари 1896 година апостолот на македонската борба за слобода МАКЕДОНЕЦОТ Гоце Делчев му кажа на бугарскиот врховистички генерал Данаил Николаев: „Нема да им дозволиме на други да прават политика со Македонија. Нашата борба, тоа е за нас живот или смрт. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога.“

Што ќе им кажат потомците на Делчев денес на бугарските „врховистички генерали“, преоблечени во ЕУ-неофашистичка рува? Ќе им дозволат ли да го довршат нивното „ваташко сценарио“, но сега врз сиот македонски народ?!

Една година претходно Делчев ја изрече и неговата вонвременска тестаментална порака до сегашното и секое идно македонско поколение: „Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли инаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите!“

Во Парламентот на Македонија е се подготвено да се официјализира почетокот на создавањето на втората бугарска држава на Балканот. Чукна часот: ќе не има, или ќе не снема, занавек, по желбата на нашите „добри соседи“?! Ќе прифати ли македонскиот народ да му го сотрат коренот и да го избришат од тековите на историјата, од светската карта на народи и јазици?!


Громогласното „НЕ!“ на народните протести, кое ги навестува „македонските мугри“, е првиот одговор на тоа прашање:
Мугри македонски ближат, светлина в душа носат,
чекори цврсти земјата ја тресат, со надеж ја росат,
ноќта волча бега пред гневните што идат,
страдните бел век и живот за да видат!

Според белешките на Пеју Јавoров, Гоце Делчев изјавил: „Ќе грејне сонцето на слободата, но НЕ бугарското сонце!“

Време е Македонија да ја грејне македонското сонце на слободата, но, НЕ бугарското сонце! Време е да ја изгониме „бугарската волча ноќ“ од нашите животи и да внесеме македонска светлина во нив!