За една година загубивме 80 илјади ,,Евромакедонци” – пишува Горан Момироски (ФОТО)

Вчера Марко Трошановски кој е директор на Институтот за демократија Societas Civilis од Скопје откри дека драматично се намалува бројот на македонските граѓани кои сметаат дека ЕУ е добра работа.

“Само 53% од Македонците сметаат дека ЕУ е добра работа, една третина се амбивалентни. Според резултатите од анкетата на Балканскиот барометар 2021 година”, напиша вчера Трошановски.

Ако се анализираат резултатите од истото истражување што лани го направила истата организација ќе се дојде до шокантен процент на македонски граѓани кои за само 12 месеци се разочарале од ЕУ.

Ако годинава истражувањето покажало 53 % на Македонци со позитивен став за ЕУ лани тој процент бил 57 % што значи дека 4 % од целата популација од поддржувачи станале противници или рамнодушни кон ЕУ.

Во бројки тоа значи дека ако Македонија има околу 2 милиони и 70 илјади жители над 83 илјади поддржувачи на Унијата во земјава го смениле ставот и сега ја сметаат за лоша работа.

Овој процент на промена на став на жители е веројатно највисок меѓу сите земји членки аспиранти за влез во ЕУ во историјата на Унијата.

За споредба ваков пад на процентот на поддршката за ЕУ во Србија би значело дека 320 илјади луѓе ја замрзеле ЕУ за една година или во Турција речиси 2,5 милиони луѓе го смениле позитивниот став за унијата.

Зошто овој тренд и се случува на Македонија сите им е јасно.

Кон Македонија причините се познати: Двојни стандарди, лажни ветувања, нестоење на зборот, притисок да се прифати Преспанскиот и Бугарскиот договор и пред се ставање акцент од страна на ЕУ на стапот пред морковот во концептот “Стап и морков”.

Внатре во ЕУ причините не се нови: Замор од проширувањето, политички притисок врз евринтегративците од евроскептиците, популизмот на дел од лидерите на земјите членки кои се соочуваат со избори, стравот од руски “Тројански коњи” меѓу кандидатите како и дилеми околу муслиманскиот елемент во најмалку 4 од вкупно 6 земји од Западниот Балкан кои треба да бидат примени ако процесот на проширување не го прекинуваат (не)координирано Париз, Софија, Копенхаген или утре Атина.

Со своето поведение ЕУ во комбинација со корумпираната власт во Скопје успеа да го направи тоа што не му успеало од Информбирото на Сталин во 1948 година:

За само една година да формира критична маса на луѓе која сега за разлика од пред 72 години имаат можност да формираат сериозна партија и легитимно да се борат за руски модел на македонска демократија.

Изборот на евроскептиците во Македонија сега е поширок и поради тоа што Русија не е единствената која може да ги искористи гнилите политики на ЕУ кон Македонија.

Што мислите што ќе се случи ако Кина ја направи брзата пруга од Атина до Будимпешта, вработи десетици илјади луѓе и го крене значително македонското БДП а ЕУ се уште ги понижува земјите кандидати пред се Македонија.

Што мислите како Македонците гледаат на рускиот ефтин гас кој тече низ Европа (Северен поток 2) и за кој и САД сега дава дозвола додека истиот Македонија нема право да го користи и да заработува од него.

Понекогаш си помислувам како ЕУ намерно да не турка таму каде што не ни е местото за да се остварат анализите на Семјуел Хантингтон во чие дело “Судирот на цивилизациите”, Македонија со соодветно сценарио може да се препознае како една од најневралгичните точки.

Или да ве потсетам на изјавата на екс државниот секретар на САД Џон Кери кој во 2015 изјави дека Македонија се наоѓа на линијата на огнот меѓу Америка и Русија.

Со ваква корумпирана и неспособна власт на Илинденска која веќе ни порача дека ЕУ нема ексклузивитет врз Европскиот континент и со ваква “раскупусана” ЕУ каде дел од членките интензивно и долго кокетираат и со Русија и со Кина се поставува прашањето дали членството во НАТО е доволно да запрат трендовите кои благо речено ЕУ не може да ги контролира.

Одговорот не е сосема јасен но и самата нејаснотија е доволна за да се разбере сериозноста на моментумот.