Техничкиот премиер Талат Џафери го отфрли предлогот на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски за надминување на хаосот со документите преку продолжување на рокот на важење на пасошите и на личните карти со „Република Македонија“ по теркот со возачките дозволи.
„Прашањето околу употребата на уставното име на државата во патните исправи е регулирано со Уставот на Република Северна Македонија и е дел од меѓународен договор. Оттука, несериозен, популистички и исклучиво во партиски интерес е наводниот повик да се поддржи законско решение со коешто би се продолжила важноста на патните исправи, по примерот на решението со возачките дозволи“, вели Џафери.
Повиците за непочитување на Уставот и на меѓународните договори нанесуваат штета пред сѐ на граѓаните, со тоа што се доведуваат во заблуда, но и на меѓународниот углед на државата, додава донеодамнешниот собраниски спикер.
„Апелирам до пратениците, без разлика од која политичка партија доаѓаат, да ја поддржат иницијативата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и истото тоа (како со дозволите – н.з.) да го направат и за личните карти и за пасошите. Еве, беше Талат Џафери во Брисел, помина, се гоштеваше, газеше црвени теписи таму и се врати назад, нема резултат. Тоа може да се случи само во македонскиот парламент. Ги повикувам пратениците да стават крај на голготата на македонските граѓани, да не бидеме затвореници поради лошите, недржавни и анационални политики на Владата на СДСМ и ДУИ и да не бидеме притвореници во овие 26 илјади квадратни километри. Има единствен начин да се стави крај на тоа, а тоа е да се поддржи законот со којшто ќе се продолжи важноста на личните документи – личните карти и пасошите“, порача претходно Мицкоски.