Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски изрази разбирање за повикот од експретседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски, до Централниот одбор на партијата да се огради од изјавите на лидерот Зоран Заев во интервјуто за БГНЕС, а дотогаш тој го замрзнува своето членство.
„За мене, повикот на поранешниот претседател Црвенковски е разбирлив, бидејќи ако веќе излегува со еден таков став, а познавајќи го не само него, туку и сите досегашни претседатели на мојата партија, знам дека Црвенковски може да се откаже од сè, но од Македонија и од СДСМ не. И затоа, верувам дека тие пораки се добронамерни“, изјави Димитриевски во интервју за Сител ТВ.
Нему „му е мило“ што во интервјуто за радиото Канал 77 ставовите на Заев биле „омекнати“, односно „коригирани“ во однос на искажаните за бугарската информативна агенција.
„Првичните ставови што беа дадени за БГНЕС не кореспондираа со она што е суштински во нашата држава. Беа изнесени многу ставови со кои сеопштата јавност не се согласува. Јас разбирам дека ние мораме да имаме преговори во кои, како помала држава што сака да влезе во Европската унија, треба да има одредени помеки ставови во делот на дипломатијата и развојот на нашите односи, бидејќи нашите односи како држави се добри, а односите меѓу граѓаните на Македонија и на Бугарија се одлични. Но, факт е дека во овој момент од бугарската страна, поради тешкиот политички момент во државата и претстојните избори, се наметнуваат одредени тези и сето тоа се затвори, поткрепи со една декларација на нивниот парламент и, всушност, ние имаме еден сеопшт политички консензус. Нашите преговарачи мора да постапуваат во помека форма, но никогаш до момент на самопонижување или, пак, бегање од вистината. Куманово е ослободено од македонските партизани“, објасни Димитриевски, директно негирајќи го тврдењето на Заев за БГНЕС дека „бугарските и македонските трупи ослободија неколку територии – Крива Паланка, Куманово, целиот регион, Скопје и целиот овој дел“.