Уривајќи го рекордот на поранешниот премиер Зоран Заев по бројот на повторувања на октроираното име на македонската држава во една изјава, министерот за економија Крешник Бектеши му реплицира на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој го обвини за непријателски чин за „поправањето“ на новинар во Албанија дека не бил „македонски министер“, туку „министер на Северна Македонија“.
„Јас сум Албанец по етничка припадност, тоа е реалноста, бидејќи во Северна Македонија живеат и работат над 600 илјади Албанци, тие се тука. Колку што е моја Северна Македонија, толку е и на господинот Мицкоски. Како што јас се грижам, толку и тој треба да се грижи за Северна Македонија, затоа што ова е моја држава исто колку што е и негова. Не треба да будиме национализам, не треба да го поларизираме општеството со вакви теми, бидејќи ние имаме поважни теми. Главниот фокус нам како Влада и ним како опозиција треба да ни биде во подобрување на животниот стандард на граѓаните, во интегрирање на земјата“, изјави Бектеши во емисијата „10 минути“ на ТВ 21.