Рокот на вакцините кои Македонија треба да ги добие како донација од Бугарија истекува на 30 септември, но пратката од 51.480 дози се уште не е испорачана.

Бугарските пратеници на 8.септември го ратификуваа договорот за донирање 51.480 дози од вакцината на Фајзер/БиоНТек на Македонија.

Министерството за здравство за Фактор информираше дека при крај е административната постапка и дека сите 51.480 дози ќе бидат искористени во рок од пет до седум дена.

„Во моментов се завршуваат административните процедури за реализирање на донацијата. Количината вакцини што ќе ја добиеме како донација, согласно точните проекции за потребите за ревакцина со вакцината на „Фајзер“, како и големиот интерес за прва доза од овој производител, сите дози ќе бидат аплицирани далеку пред истекување на рокот на важност, односно во период од 5 до 7 дена од нивната дистрибуција на пунктовите, велат од Министерството за здравство.

Ова ќе биде прва донација од Бугарија, а пратката која треба да пристигнее вредна 800.000 евра.