Вучиќ сака да биде како Трамп – ама за Твитер

Претседателот на Србија го нападна Твитер откако неколку медиуми под негова контрола беа етикетирани како „поврзани со државата“.

„Со кого треба тие да соработуваат, со тајкуни, крадци и криминалци?“, праша тој во вторникот. „Најнормално е тие да соработуваат со владата.“

„Ние дури и не ги финансираме повеќето од овие медиуми, како држава. Но тие ги финансираат Гласот на Америка и Би-би-си и тие не се означени како државни медиуми. Што ме наведува да се прашувам кој прави цензура овде“, додаде тој.

Вучиќ рече дека потегот за етикетирање на српските медиумски организации не е ништо друго освен „цензура“ и го предизвика Твитер да го затвори неговиот личен профил на платформата.

„Едвај чекам да ми го затворат профилот за да станам уште еден светски Трамп“, изјави Александар Вучиќ.

Во јануари Твитер го избриша профилот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за поттикнување насилство поврзано со крвавиот бунт во зградата на Капитол.

Во август 2020 година Твитер почна да ја додава етикетата „поврзани со државата“ на медиуми, како подготовка за претседателските избори во САД. Оваа недела етикетирањето беше проширено и на Србија.