Премиерот Димитар Ковачевски по вчерашната средба со српскиот претседател, изјави дека Александар Вучиќ лично се извинил доколку некој се нашол навреден од зборовите на српскиот министер за одбрана Милош Вучичевиќ, според кој признавањето на Косово „ќе им се удри од глава на Македонија и на Црна Гора“.

Денеска Вучиќ побара од српските функционери да бидат внимателни во изјавите кон Македонија за да не кажат нешто што би можело да биде искористено од страна на други.


„Видов кога Димитар Ковачевски многу силно му реагира на Аљбин Курти за она што го направи во Тетово. Многу силно, јавно и отворено и сакам да ги замолам нашите функционери, дури и кога немаат намера, да бидат внимателни, да не им излезе ништо што би можело да биде искористено од страна на некои за и нас да нè направат исти како Курти“, рече Вучиќ за РТС.

Тој додаде дека разговарал со него и рекол дека „Македонците се наши браќа“.

„Затоа, вчера, во разговорот со Ковачевски му реков, ако кој било во Северна Македонија се чувствува навредено поради што било кажано, јас се извинувам затоа што Македонците се наши браќа и ние немаме никаков проблем со нив“.