Врховниот суд денеска донесе пресуда за предметот „Плацеви на Водно“, со што практично е отфрлено барањето на осудениот поранешен премиер Никола Груевски за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд и пресудата на Апелациониот суд го одби како неосновано.
„ Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе Пресуда со која барањето на осудениот Н.Г. за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК бр.63/21 од 21.04.2022 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ бр.127/22 од 14.02.2023 година, го одби како неосновано“, наведено е во соопштението.
Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра, а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно.
Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно.
По објавувањето на затворската казна за случајот „Тенк“ за спорна набавка на службено возило „мерцедес“ во 2018 година, Груевски побегна во Унгарија каде што доби азил.