Пишува: Свето Тоевски

Кој е Артан Груби да кажува дека „уставните промени мора да се случат“?! Кој му дал право да му кажува на македонскиот народ дека со „уставните измени конечно ќе се одвои од бугарскиот народ“?! Да не мисли дека е, како прв потпретседател на Владата, газда на Македонија и на судбината на Македонците?! Кој му дал право на Михаел Рот, пратеникот и претседател на Комисијата за надворешна политика на грманскиот парламент, среде Скопје дрско да повикува на измени на Уставот на Република Македонија и со тоа да се меша во нејзините внатрешни работи?! Да не мисли тој дека Македонците се глупави и не знаат што ќе се случи откако уште еднаш ќе се „распакува“ тој „партал-Устав“, за да се “вдомат“ во него 3600-те „македонски Бугари“ како еден од „државотворните народи“ на оваа „северна територија“?!

Артан Груби рече дека со „уставните измени се заокружува целокупната тапија на државноста на Македонија“, но овие негови зборови мора да се сфатат сосема обратно: во таа смисла што „тапијата на државноста на Македонија“ ќе му се одземе на единствениот нејзин сопственик – македонскиот народ и ќе им се даде на Бугарите и Албанците! По внесувањето на фантомската, непостојна „бугарска државотворност“ во македонскиот устав, откако би се отворил, во него место ќе си заземе место и „државотворноста на автохтониот албански народ“.

Во интервју за ТВ 21 на почетокот на април годинава лидерот на ДУИ Али Ахмети најотворено го искажа очекувањето да се отвори Уставот, за да се промени уставниот третман на Албанците, кои се „државотворен елемент, а не малцинство во Македонија“ и кои „се уште се кираџии на својот имот“. Сега веќе поранешниот лидер на Алијансата за Албанците и лидерот на Беса Билал Касами од Беса уште во октомври 2018 година имаат навестено свои „амандмани за промена на Уставот, со кои албанската заедница би била запишана како државотворен народ на Македонија“.

Сите албански партии во Македонија само постапуваат врз основа на „Тиранската платформа“, што ја потпишаа во март 2017 година, во присуство и на премиерот на Албанија Еди Рама. Во неа уште во првата точка се предвидува „признавање на Албанците како државотворно население“, како и „вклучување на Албанците во директните преговори со Бугарите и Грците“. Дали е случајно вклучувањето на Албанците во преговорите меѓу Македонците и Бугарите и Грците за прашањата, кои се само од интерес на македонскиот народ – македонска нација, историја, јазик?! Со тие преговори македонската држава се распаѓа и се претвора во „северна територија“!

За да се сфатат моментните случувања во Македонија потребно е да се фрли поглед на историјата од пред 80 години и да се направат соодветни споредби врз основа на фактите и аргументите. Во „Историјата на македонскиот народ“, издадена од Институтот за национална историја од Скопје, како колективно дело на 8 врвни експерти за историја-универзитетски професори, во одделот со наслов „Априлската војна во 1941 година, поделбата и воспоставувањето на окупационата власт во Македонија“, пишува: „На 18.април 1941 година во Македонија навлегла бугарската армија и веднаш започнала со воспоставување на окупациската власт на подрачјето во границите одредени од Германците (стр.259)… Во јули 1941 година со Декрет на Франческо Јакомини, кралскиот претставник на Италија во Албанија, делот на Македонија, окупиран од италијанските сили, бил анектиран кон Албанија. Со тоа била создадена ‘Голема Албанија’ според програмата на ‘Призренската лига’ (стр.260).“

Дали во 2022 година се повторува бугарско-албанското сценарио од Втората светска војна, овојпат преку отворање на Уставот и за внесување на двата нови „државотворни народа“, меѓу кои постапно ќе „исчезне“ македонскиот народ? Во 1941 година Македонија беше окупирана и поделена со „благослов“ на Хитлер и Мусолини, а денес официјален Брисел дава „европски благослов“ за ист, или сличен таков процес! Дали е конечно јасно дека „евроинтеграцијата на Македонија“ е целосно антимакедонски процес, насочена кон „бришењето“ на Македонија како држава и на Македонците како народ од картата на Балканот?! Дали е конечно јасно зошто не смее да се дозволи по ниедна цена отворање на Уставот?!

Уште Гоце Делчев во своето време се запрашал: „Дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?“ Но, тоа „македонско поле“ од 2017 и 2018 година со „Преспанскиот“ и „Бугарскиот договор“, како и со „Тиранската платформа“, се претвора не во селска, туку во балканска и светска јурија, во „ничиј простор“. Таа јурија секој што ќе посака ќе може да ја прикаже како негова сопственост, или во меѓувреме ќе може да се измоча на неа, да си ги „испразни цревата“, или да фрла ѓубре!

Е, затоа е потребно да настапи уште веднаш „Времето на промени“, кое го навести претседателот на Македонската академија на науки и уметности Љупчо Коцарев со во јули 2022 година со нагласка дека „МАНУ и интелектуалците ќе предводат“. Во меѓувреме стотици и стотици историчари, лингвисти, академици на МАНУ, научници од други профили пројавија жестоки реакции и се потпишаа на петиции и прогласи против Едностраната изјава на Бујар Османи за Македонскиот јазик, против „Францускиот предлог“ и „Историските препораки“ на така наречениот „македонски академик Ѓорѓиев“ и неговите „бугарски компањони по евро и санстефанско убедување“. Но, ефекти нема!

Ковачевски, Груби, Османи и другите „северни политичари“ уште позабрзано ја распродаваат Македонија и се што е македонско! Ефекти нема и само од објавувањата колумни, анализи, од стерилни партиски соопштенија и одржувања прес-конференции. Во 1845 година во своето минијатурно дело „Тезите за Фоербах“ еден од најголемите умови на човештвото Карл Маркс, во 11-тата теза, напишал: „Филозофите само различно го толкуваа светот, но се работи за тоа тој да се промени.“ Македонската денешна парафраза на оваа теза би гласела: „Научниците, аналитичарите и политичарите различно, или слично само ја опишуваа ситуацијата со Македонија, но треба да се промени таа ситуација.“

Нема корист од празни зборења! Потребни се моментни активности, најитни дејства за заштита на македонските државно-национални интереси! Потребно е оформување јадро на отпорот против оваа Влада врз основа на една „Македонска платформа“. Но, покрај Македонците од сите идеолошки и партиски припадности, обединети како една национална групација, би било идеално кон таа „Македонска платформа“ да се приклучат и припадници на другите етникуми, бидејќи распаѓањето на државата и катастрофалните услови за живот во неа еднакво ги погодуваат сите граѓани!

Мој категоричен став е дека нема никаков одглас, или ефект, ниту од постојаните повици од челниците на ВМРО ДПМНЕ, последниот е од неговиот потпретседател Александар Николоски „Ајде на избори!“. Ниту земјотрес да ја стресе зградата на Владата, од неа и од своите удобни фотелји нема да избегаат премиерот Ковачевски, Груби и другите „трговци“ со Македонија! Тие пак ќе се вратат назад! Но, ако таа зграда ја стресе „народен земјотрес“ од 9 „политички рихтери“, е тогаш секој ќе гледа да избега „газ прекуглава“ и да го снема! Прашањето е само: дали „земјотрес“ на предвремени парламентарни избори, или „земјотрес“ од друг вид?!

„Време е за промени“, време е за уништување на „Преспанскиот“ и „Бугарскиот договор“! Време е за запирање на сите процеси за целосно распаѓање на оваа држава! Време е за возобновување на македонската држава, за враќање на името Македонија и за јакнење на нејзината унитарност! Ниедна странска амбасада, ниедна странска држава нема да може да го сопре „македонското море“, кога ќе се излее, откако ќе се случи „народниот земјотрес“.

Не е време за никаков нов референдум, каков што го заговара Мицковски. Не смеат да се заборават лекциите од референдумот во 2018 година, кога антимакедонската Влада, слепо и сервилно придржувајќи се до наредбите од меѓународните центри на глобалната политичка моќ, ја погази македонската народна волја искажана на тој референдум и ги обезимени и Македонија и македонскиот народ! Својата политичка моќ, изразена преку 44-те пратеници, и својата политичка енергија ВМРО ДПМНЕ треба да ги сконцентрира отсега натаму кон конкретно и конечно уривање на Владата со сите методи на парламентарната и вонпарламентарната борба. Враќањето на сите пратенички мандати ќе биде еден од најсилните удари, кои Владата нема да може да ги преживее.

Време е за охрабрување и за обединување на македонскиот народ, за негово кревање на нозе! Време е за еден „Крушевско-Илинденски повик“ до сите граѓани на Македонија: „Елајте при нас, да ги урнеме сложно и заедно тиранијата и зулумите на измеќарската власт!“

Директно ги прозивам Љупчо Коцарев, претседателот на МАНУ, и македонскиот народен владика Агатангел: преземете ја улогата на народни и духовни лидери на македонскиот народ, обединете ја македонската патриотска интелигенција, сите незадоволници! Упатете повик и до политичките партии, а во прв ред до ВМРО ДПМНЕ, но и сите како Весна Бендевска од СДСМ и другите партии, и потоа оформете го јадрото на МАКЕДОНСКИОТ ОТПОР! Време е за промени, време е „народниот земјотрес“ да ги стресе „северна“ и оваа Влада!