Воздух, вода, копно – ,,Фалангата” бара пат до Порто, молк од ФФМ за ,,чартери”

Авионски, фериботски и комбинирани начини се во игра за навивачите на македонската репрезентација да стигнат на бараж мечот за СП Катар што во вторник вечер се игра во Порто против домаќинот Португалија.

Илјадници фанови ги пребаруваат можните маршрути за да стигнат до Порто но за најголемиот дел од обичните навивачи единствена шанса може да бидат само чартер летовите од Скопје до Порто за кои сите се надеваат дека ќе бидат организирани од Фудбалската федерација на Македонија.

Засега нема официјална најава за ваквите летови кои чинат околу 35 илјади долари и кои можат да донесат значителен број од најверните и најгласни македонски навивачи до Порто.

Доколку нема ,,чартери” бројот на тие што ќе ја бодрат репрезентацијата ќе биде минимален.

Најниската цена за авиобилетите до Порто и назад денеска е околу 500 евра што не можат да си го дозволат најголем број од фановите.

Со секој изминат ден цената на авиобилетите расте и ако нема чартери од ФФМ тогаш во Порто ќе има само симболично македонско присуство на трибините.

Во таков случај бодрењето на репрезентацијата против Португалија во историскиот меч ќе треба да се спасува од страна на Македонците во ЕУ кои можат да дојдат до Порто со далеку поефтини летови.

Колку е важно присуството на навивачите е познато и од предходно но последниот случај во Палермо кога нецели 1000 Македонци го надвика ,,италијанскиот стадион” со 33 илјади ,,Тифози” уште еднаш покажа дека успех на репрезентацијата не е можен без сериозна поддршка.