Возач од Македонија излетал од пат во Германија со 2,5 промили алкохол во крвта и пробал да побегне

Пијан македонски возач ќе одговара во Германија за загрозување на безбедноста во сообраќајот и за бегство од сообраќајна незгода, покрај за управување возило под дејство на алкохол, во неговиот случај 2,5 промили.

Возачот на „опел зафира“ излетал на земјен пат меѓу Попенхаузен и Швајнфурт во Баварија, излегол од автомобилот и се обидел да се оддалечи, но друг учесник во сообраќајот застанал и контактирал со него. Притоа веднаш забележал дека „кабаетлијата“ се однесува комично, па дури и тргнал да се враќа во возилото, но сведокот го извадил клучот и го задржал до доаѓањето на полицијата.

Покрај тестот на здивот кој покажал дека е под силно дејство на алкохол, на возачот на „опелот“ му е земен и примерок од крвта, а полицискиот инспекторат од Швајнфурт бара итно да се пријават сите други сведоци на инцидентот или учесници во сообраќајот кои морале да ја избегнат темната „опел зафира“.

Инцидентот се случил во саботата околу 14,25 часот.