Воскресение на крводарители со сомнителни цели – пишува Горан Момироски

На ден сабота спроти Велигден во градот Струмица летото господово 2021 двајца луѓе со празни батерии легнаа во новото трансфузиолошко одделение и дадоа крв.

Веќе наредниот ден на Велигден се случи воскреснувањето на божјиот пратеник.

Злобниците ќе речат случајност но и јас и вие почитувани читатели знаеме дека кај овие луѓе нема случајност.

Воскреснувањето не се случи еден ден по 17 март кога се одбележува денот на формирањето на Македонскиот црвен крст (Ден на македонските крводарители) или следниот ден по 14 јуни кога на светско ниво се дава почит на хуманистите кои редовно даваат крв, туку десетина часови откако двајцата моторџии меѓу народот познати како Даме и Дамевиот, легнаа и добија дипломи како донатори на крв.

Некој ќе рече богохулам, некој ќе рече правам мајтап со дарителите на крв.

И ќе згреши.

Јас веќе не можам да дарувам крв но и кога сум можел не сум се сликал за да се пофалам колку сум хуман.

Тоа е приказната на речиси сите македонски крводарители кои со години, со децении спасуваат животи и не се фалат со тоа.

За разлика од премиерот и министерот тие даруваат крв исклучиво за да спасат животи а не за да дадат ПР ефект на обидот на двајца политичари на залезот да се прикажат како хумани.

Со фалбите за крводарувањето Даме и Дамевиот ги навредија сите што досега спасувале стотици илјади животи а никогаш не се сликале.

Но за Даме и Дамевиот, двајцата великани на тагата што со своите постапки или неспособност животот го претвораат во смрт не е чудо да предизвикаат воскреснување или гнев.

Речиси нема ден да не воскреснат некоја глупост или неспособност за која сме мислеле дека е закопана длабоко зад нас.

Во последнава година тие ја претворија Македонија во осмо светско чудо по смрт од корона, ја воскреснаа корупцијата и не донесоа во Топ 5 земји во Европа место по заболеност од опасниот вирус што корумпира власт.

Популарно наречените Даме и Дамевиот предходно во сабота и недела лутаа по македонските беспаќа за да ги испразнат батериите но откако видоа дека рајата не се пали на високи октани се префрлија на празнење на артерии со цел ситни политички поени.

И за да не биде ова само обична глупа приказна за двајца политичари кои преку крв сакаат да си ги воскреснат своите умрени кариери во епизодата се јавува и момент на лична донација.

Човекот кој е обвинет дека преку фантом фирма плаќал двојно поскапо вакцини на човекот кому најблискиот соработник му е во притвор за криминал јавно му се заблагодарува за донација во јавна здравствена институција во неговот град како да е тоа нормална работа.

Сердарот со празни батерии јавно му се заблагодарува на војводата со празни артерии за реновирањето на транфузиолошкото одделение во неговиот град, Струмица.

Донацијата е направена по принципот “сам реновира, сам давај крв, сам пофали се”.

Министерот чудотворец легнат на Велигден до својот партиски господар мисли дека донацијата од Струмичанецот за Струмица ќе го воскресне заборавот на грозоморите што ги гледаме секој ден на стотици локации низ Македонија.

Дека нежниот допир со тупаници и заводливиот поглед во фото апаратот на некој владин хонорарец од двајцата моторџии со празни батерии ќе ја избрише тагата по луѓето што не мораа да умрат како последица на погрешни медицински протоколи, недостаток на лекови, тестови и вакцини.

Да беа навистина хумани, како што не се, вчера Заев и Филипче ќе ги запалеа и ќе ги возеа своите скапи мотори во огносаниот Галичник, ќе ја влечеа прастарата пожарна кола со своите многубројни коњски сили а Заев навреме од државни пари ќе ги оспособеше авионите за гаснење пожар од брендот Ер Трактор. Затоа што вчера беше проблем да се спаси селото на Ѓорѓија Пулевски, утре на Киро Глигоров, задутре на Бранко Црвенковски.

Или знаеа дека во Галичник вчера немаше медиуми и ќе помагаа само за слава пред Бога а не и пред гласачите.

П. С.

За среќа медицината се уште нема развиено систем за донирање на мозочни клетки. Ако имаше, сценариото ќе беше следно: Премиерот ќе донираше не само за ново оделение во амбулантата во Муртино туку секоја сабота и недела ќе отвараше по едно такво оделение каде ќе даруваше мозочни ќелии. Филипче ќе беше среќен легнат до својот војвода кого еден ден (ќе) сака да го наследи.
А среќните добитници на мозочни клетки од премиерот кој се победи сам себе си во трката за партиски претседател, ќе го славеа со огномет воскреснувањето на вечната глупост.