Ултимејтфајтерот од Австралија со македонско потекло Александар „Велики“ Волкановски нема ништо против да му излезе на мегдан во рингот на легендарниот Ирец Конор Мекгрегор, како што сугерира редакцијата за ММА на американската ТВ-мрежа И-Ес-Пи-Ен (ЕСПН).
„Ајде да го направиме тоа во лесна категорија (до 70 кг – н.з.)“, одговори 34-годишниот Македонец по татко му роден во битолско Беранци на „предизвикот“ од И-Ес-Пи-Ен на Твитер: „Ако Волкановски и Мекгрегор некогаш се бореа во перолесна категорија (до 66 кг – н.з.), победникот би го победил секој неприкосновен шампион во дивизијата. (Дуелот) Волк против Конор би бил историски“.
По контроверзниот пораз на поени од Ислам Махачев од Русија на 11 февруари во Перт во мечот за титулата во лесна категорија, шампионот во перолесна Волкановски на 8 јули во Лас Вегас ќе се „судри“ со привремениот првак Јаир Родригез од Мексико во борбата за обединување на титулата во оваа категорија.
Мекгрегор (35) е поранешен УФЦ-првак и прв ултимејтфајтер што во исто време ги поседувал шампионските појаси во две тежински категории – перолесна и лесна.