„Војна“ за вода на Шар Планина

Шарпланинските села Синичане и Урвич, водат битка за вода од изворот во месноста Буновец, а конфликтот кој доби и политички димензии наликува на еден дамнешен од 1987 година – оној меѓу селата Вевчани и Октиси , пишува Дојче веле.

„Жителите на Синичане имаат потреба да изградат станица за снабдување со вода од изворот Буновец, по што општината Боговиње се обидела да почне со градежни работи, но без проект и соодветна документација.

Од друга страна, жителите на селото Урвич сакаат изворот да го користат само за нивното село со образложение дека тој е во нивниот атар, и посочуваат дека општината има само одлука на Советот, но не и соодветни дозволи од надлежните институции..

Конфликтот околу водата меѓу двете села експресно доби политички димензии, откако полицијата обезбедила присуство на теренот по информациите дека таму состојбата може да ескалира.

Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, (кадар на ДУИ) вчера го обвини градоначалникот на Боговиње, Аљбон Џемаили (кадар на Алијанса за Албанците), дека манипулира и со локалното население, и со полицијата. Според изјава на Нухиу за ТВ „21“, токму Џемаили во полиција се жалел дека може да ескалира безбедносната состојба на локацијата поради спор за водоводот, а на терен правел нешто сосема друго.

Оваа изјава на министерот за внатрешни работи следи откако лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села обвини дека зад интервенцијата на полицијата се кријат бизнис интреси на ДУИ. Тој ја повика полицијата да се повлече од Синичане, а на жителите да им се овозможи да се снабдуваат со вода“.

Повеќе