Водството од 4:0 и израмнетите први 18 минути премалку за успех против Данска (ВИДЕО)

Изненадувачки доброто отворање на натпреварот не ја спаси ракометната репрезентација на Македонија од убедлив пораз од 31:21 против светскиот шампион Данска во последното коло од групата А на Европското првенство во Унгарија и Словачка.

Растоварени од резултатскиот императив поради загубените шанси за вториот круг уште пред мечот во Дебрецин, „црвено-жолтите“ поведоа со 4:0, имаа предност и од 5:4, а по 17 минути игра беше 7:7, по што големиот фаворит направи пресврт и до крајот само ја зголемуваше разликата.

Жарко Пешевски ги реализира сите 6 удари кон противничкиот гол, а дуелот со олимпискиот вицепрвак ќе го памети и 18-годишниот Марко Митев, кој покрај својот гол-превенец на големите натпреварувања изнуди и по еден седмерец и исклучување.

Избраниците на селекторот Кирил Лазаров со ова го завршија настапот на седмото ЕП за Македонија, на кое претходно беа поразени и од Словенија со 27:25, како и од Црна Гора со 28:24.