Во Вејце поставен споменик на „ветеран на непобедливата УЧК“, а се кршат спомен-обележја за масакрираните македонски војници и полицајци

„Војната на УЧК беше уникатен случај, рече Ахмети како поранешен врховен командант на УЧК, бидејќи од една страна се наоѓаше цела една војска, а од друга страна беше народот. Но, според него, УЧК во војната постигна успех, бидејќи народот беше со нив за сето време на војната, но е и денес, од Липково до  Струга. Ахмети нагласи дека го радува фактот што тие излегле како победници со противниците, победници во војна, во дипломатијата, победници и во меѓународната правда.“ – ова го објавија весникот „Лајм“ и други медиуми на албански јазик во Македонија и во Балканот, информирајќи за вчера одржаниот собир во тетовското село Вејце на падините на Шар Планина, кога беше откриен штотуку изградениот споменик на извесен Лезам Рамадани-„Ла Џам“, наведен како „ветеран на УЧК“ во борбите во Косово, Прешевската Долина во Србија и во воениот конфликт во Македонија во 2001 година.

Покрај тоа што ја искажа „воената порака“ дека „се непобедливи, бидејќи со нив се Албанците од Липково до Струга“, лидерот на Демократската унија за интеграција Ахмети истапи не само како „поранешен врховен командант на УЧК“, туку упати и политички пораки до „противниците“ денес: „Хеликоптерите ги потресуваа пештерите, мислејќи дека сме биле засолнети таму. Но, во 2001 ние не се засолнувавме во пештери, бидејќи нè поддржуваше народот, тој беше со нас. Тоа е уникатен случај: од една страна се наоѓаше една војска, а од друга страна беше народот. Овде е и клучот на нашиот успех, што останавме непоразени од северот на Липково до југ на Струга. Ние бевме пoбедници, бидејќи ги поразивме противниците во судирите. Победници сме со противниците, победници во војна, во дипломатијата, победници сме и во меѓународната правда. Има уште многу да се сработи, но имаме толку многу енергија и луѓе, што не нè плаши ништо, што и да ни излезе пред патот.“ – рече Али Ахмети.

Вчера беше откриен споменик на загинат борец од УЧК, а само пред пет месеци, по којзнае кој пат во изминативе години, на 28 април 2023 година повторно беа искршени неколкуте ионака скромни и провизорни спомен-обележја и беа расфрлани букетите со цвеќе, поставени тој ден по повод одбележувањето на 22-рата годишнина од одбележувањето на масакрот врз осумте припадници на македонската војска и полиција на патот кај истото село, кој го направија припадници на таа иста УЧК.

„Ваков злостор во таа воена 2001 година не е забележан на ниедно друго место освен овде на Шара, овде каде што до ден-денес нема никаков знак на сеќавање на жртвите убиени во одбрана на својата татковина. Свесни дека ниедна цел не е толку возвишена да ги оправда нечесните средства, ќе чекаме трпеливо и ќе се надеваме дека правдата ќе ги стигне еден ден, оние кои го направија ова злосторство.“ – имаше кажано во таа пригода Марин Најдов, претседател на Одборот на бранители од Тетово.

 Тогаш министерката за одбрана на Република Македонија Славјанка Петровска ја објави својата иницијатива да им се изгради на местото на загинувањето спомен-обележје на убиените, како што имаше кажано, „сакајќи на достоинствен начин да им се оддолжиме на загинатите за нивната пожртвуваност и храброст“. Но, на седница на Советот на општина Тетово одржана веднаш потоа, шестемина советници-Македонци – двајца од СДСМ и четворица од ВМРО ДПМНЕ – побараа на дневен ред да се постави споменатата иницијатива, но сите советници-Албанци од партиите Беса, ДУИ, ДПА и Алтернатива гласаа воздржано, па предлогот не се стави на дневен ред. Со тоа Советот на општина Тетово ја отфрли иницијативата за изградба на тоа спомен-обележје.

На 28 април 2001, во напад од заседа беа убиени четворица припадници на воената единица „Волци“ и четворица полицајци при ОВР Битола: Роберт Петковски (27), Игор Костески (26), Миле Јаневски (30), Бобан Трајковски (28), Марјан Божиновски (27), Илче Стојановски (24), Бошко Најдовски (25) и Кире Костадиновски (24).