Украинската Национална комисија за стандардизација на државниот јазик одлучи дека пишувањето сопствени именки како „Русија“ и „Москва“ со мали букви во неофицијални документи повеќе нема да се смета за грешка.
Комисијата соопшти дека ја донела својата одлука откако ги разгледала жалбите на украинската вицепремиерка Ирина Верешчук и официјалните писма од Институтот за украински јазик и Институтот за лингвистика на Националната академија на науките на Украина.
Отсега, пишувањето зборови како „Руска Федерација“, „Русија“, „Москва“, „Московско царство“, „Руска империја“ и „Државна дума на Руската Федерација“ со мали букви нема да биде „отстапување од нормата на украинскиот јазик во текстови од неофицијален карактер“, велат од Комисијата, пренесува „Политико“.
Многу Украинци, особено на социјалните мрежи, веќе користат мали букви кога се осврнуваат на Русија од почетокот на инвазијата на Кремљ врз земјата во февруари 2022 година.