Украинската вицепремиерка за европски и евроатлански интеграции Олга Стефанишина смета дека за време на преговорите со Европската унија за заштита на малцинските права не треба да се поставува прашањето за заштита на руското малцинство, бидејќи тоа, едноставно, не постои.
Таа го изјави ова на 9 ноември во Киев на заедничката прес-конференција со амбасадорката на ЕУ во Украина, Катарина Матернова.
„Нема руско малцинство во Украина. Не постои! Не постои ниту една законски оформена заедница која се идентификува како руско малцинство. Има Украинци, од кои некои зборуваат руски. Јас сум од Одеса и кога сакам зборувам украински, а кога сакам зборувам руски, а за ова (изборот на јазик – н.з.) не ми требаат ниту московјани, ниту одлуки на Венецијанската комисија“, изјави Стефанишина.
Таа додаде дека обезбедувањето на правата на малцинствата ќе биде клучно прашање на патот на Украина кон членство во ЕУ и оти тоа не е само украински проблем. Неколку други кандидати, исто така, се соочија со барања во оваа област за време на преговорите за пристап во ЕУ, рече таа.
Стефанишина, исто така, истакна дека и покрај тоа што Венецијанската комисија го споменува руското малцинство во своите одлуки и препораки до Киев, тоа не се појавува во дијалогот со ЕУ.
На пописот од 2001 година во Украина се регистрирани 77,8 проценти Украинци, а 17,3 отсто се изјасниле како Руси.