Министерот за здравство Филипче најави дека вакцинацијата со вакцините Фајзер кои ни ги додели Србија ќе почне во среда.

Во средата на 17 февруари во модуларната болница, која се наоѓа до Клиниката за инфективни болести, започна процесот на вакцинација на медицинскиот кадар.

Според проценките на здравствените власти, на овој пункт дневно ќе се вакцинираат од 300-500 лица. Па со таа динамика во следните 10 дена се очекува сите здравствени работници во државата да се вакцинираат со прва доза од вакцината на „Фајзер“, која ја добивме како донација од Србија

Во неделата – 14.02.2021г. на граничниот премин „Табановце“ пристигна првата пратка на вакцини против ковид-19 од Република Србија – 4.680 од вкупно 8.000 вакцини од компанијата „Фајзер“. На примопредавањето имаше делегација од Србија предводена од претседателот Александар Вучиќ и делегација од земјава предводена од премиерот Зоран Заев. Тогаш во изјава за медиумите министерот за здравство, Венко Филипче изрази благодарност до српската влада што отстапи дел од нивните вакцини. Еве што точно кажа Филипче во изјавата:

Еве оваа криза покажа дека солидарноста е битна, дека не постојат граници, дека не постојат нации. Сакам да изразам благодарност до Владата на Република Србија што отстапија дел од нивните вакцини. Ние сме целосно спремни да ги прифатиме, вакцините се веќе на пат да бидат сместени во соодветните фрижидери. После најавата на „Фајзер“ во петокот касно вечерта, ние во текот на вчерашниот ден работевме, го потпишавме трипартитниот договор, што беше практично услов да се случи оваа донација од Србије и еве вакцините се денеска во нашата земја. Во текот на утрешниот ден ќе се заврши регуларната процедура во Агенцијата за лекови, после што вакцинацијата ќе започне во среда со здравствените работници во модуларната клиника во Клиничкиот центар во Скопје.

Како што може да се види, министерот вели дека имунизацијата започнува во среда, но не кажува дека истиот ден ќе заврши. Филипче во оваа изјава воопшто не спомнува колку време ќе биде потребно за да се дадат вакцините од првата добиена пратка.

На 6 февруари министерот за здравство на прес-конференција информираше дека наскоро во земјава ќе стигнат 200 илјади вакцини за ковид-19 од Кина, со што ќе се обезбеди вакцинација на 100 илјади граѓани. Филипче тој ден соопшти дека Договорот за набавка на вакцините ќе се потпише во понеделник (08.02.2021) и рече дека веќе е изготвен план, за транспортот, чувањето и отпочнувањето на вакацинацијата која ќе се врши преку постоечката здравствена мрежа и вакцинални пунктови.

На дневно ниво, од вакцината на Синофарм и со работа на пунктовите во полн капацитет очекувам да вакцинираме од 2000 до 2500 граѓани. За секој граѓанин кој ќе ја прими првата доза, веднаш ќе биде резервирана и втората што треба да ја прими по 21 ден, што значи дека од првата пратка имаме две дози за вакцина и ревакцина за 100.000 лица…, кажа Филипче.

Значи, министерот тогаш говори за кинеската вакцина и капацитетот на сите вакцинални пунктови во државата, каде што очекува дневно да се вакцинираат од 2.000 до 2.500 граѓани, а не само на пунктот во модуларната болница кај Инфективната клиника.

Што се однесува, пак, до процесот на вакцинација на здравствените работници кој започна со пратката вакцини на „Фајзер“ од Србија, министерот Филипче во гостувањето на „Сител“ (16.02.2021) рече дека ќе се вакцинираат по 300-400 лица на дневно ниво.

На 17 февруари во модуларната болница започна вакцинацијата на здравствените работници кои работат на клиниката, а во оваа прилика Филипче за медиумите кажа дека:

Капацитетот на овој пункт е 500 лица на ден, ние започнавме со 350. За најмногу 10 дена ќе се извакцинираат сите здравствени работници.

Истиот ден министерот за здравство во интервју за телевизија „Телма“ рече дека кога ќе почне вакцинацијата на населението на сите пунктови ќе се вакцинираат од 2.500 до 4.000 граѓани на ден.

Станува збор за вакцинирање од 300-500 луѓе на ден само на овој пункт на Инфективната клиника. Зашто сакаме сите вработени кои работат со ковид да бидат вакцинирани централизирано и со таа динаминка ќе стигнеме многу брзо со вакцинирање на сите здравствени работници кои работат со Ковид.

Системот за вакцинација потоа ќе се дисперзира низ сите пунктови во државата. Капцитетот е меѓу 2 и пол и 4 илјади на ден и за кратко време може еден сериозен процент од населението да се вакцинира, вели Филипче.

Вакцинација на мединцинскиот кадар според предвидената динамика со вакцините на „Фајзер“ кои ги добивме од Србија ќе заврши за десет дена.

Линк до објавата на владата.

Што најави Филипче

Филипче: Вакцини стигнаа, од среда вакцинација