Во понеделник Владата ќе ги објави имињата на 58-те хонорарци

Во понеделник ќе бидат објавени имињата на 58-те хонорарци кои биле ангажирани од Владата во декември и на кои им се исплатени хонорари од околу 37 илјади евра за еден месец, соопшто вечерва портпаролот Душко Арсовски за „360 степени“.

Ова го потврди портпаролот на Владата, Душко Арсовски, во вечерашната емисијата „360 степени“.

„Не ни паѓа на памет во Владата да криеме какви било податоци и можам да кажам дека откако се направени сите консултации и анализи е востановено дека преовладува јавниот интерес и овие имиња можат да се објават. Од понеделник, преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер ќе може да се добијат овие имиња, бидејќи се работи за јавни пари и нема потреба да се крие ништо“, изјави Арсовски.

Шефицата на Антикорупциска Биљана Ивановска денеска побара од Владата да ги објави имињата на „тајните хонорарци“ – скандал што го обелодени порталот „Призма“.