Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција потврдува за МКД.мк дека се води предистражна постапка за наводна измама со фиктивна наплата на ДДВ направена од фирми со помош на УЈП. Детали од таму нема, бидејќи како што велат од ОЈО ГОК, постапката е тајна. Како што дознава МКД.мк, се работи за синџир од фирми што меѓусебно фиктивно си издаваат фактури, никој никому ништо не плаќа, освен државата ДДВ-то. За ваква операција да биде успешна, неопходно е најмалку едно лице од УЈП што одвреме-навреме само треба да замижи.
„За случајот за кој покажувате интерес во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е оформен предмет што е во предистражна постапка. Со оглед на тајноста на постапката во моментов не можеме да споделиме детали. Ви благодариме на разбирањето“, се вели во одговорот од ОЈО ГОК до МКД.мк.
Ова практично значи дека е отворена неформална постапка за собирање докази, во фаза кога кривичното дело или неговиот сторител сѐ уште не се откриени во целост, а ја спроведува полицијата по службена должност или по барање на јавниот обвинител.
Предистражна постапка се води со цел на јавниот обвинител да му се обезбеди материјал за да може да оцени дали согласно со собраните докази има основи на сомневање дека определено лице сторило кривично дело, за да може да донесе наредба против него за спроведување на истражна постапка. Во спротивно јавниот обвинител ќе ја отфрли кривичната пријава.
Како што дознава МКД.мк, на распит во полиција веќе биле неколкумина вработени во УЈП. Полициските истражители се интересирале за неколку фирми што меѓусебно фактурирале големи суми пари, фактури што никогаш не биле платени, но затоа пак државата редовно го плаќала ДДВ-то. За ова да биде лесно спроведливо, задолжително треба да се има најмалку барем еден човек во УЈП, кој само треба понекогаш да замижи, да не испрати контрола кај тој што ги издава фактурите. Побарувањата застаруваат по три години, а рокот за проверка на барањето за поврат на ДДВ е 30 дена. Како и во наплатата на сметките за струја, и во финансиската контрола за инспекторите има „неподобни“ региони. Таму најчесто е и регистрацијата на фирмите што брзо се регистрираат и уште побрзо згаснуваат, најчесто со големи побарувања. Најголемиот број на фирми од овој ланец биле регистрирани во Струмица, Кавадарци, Неготино, Мала Речица, Сарај…
Се работи за фирми од градежната дејност, фирми од нафтениот бизнис и фактури за услуги. Вообичаено фирмите кои имале големи побарувања од „партнерската“ фирма, за неколку месеци згаснувала. Вредноста на целиот овој „бизнис“ се проценува на повеќе од 90 милиони евра.
Откако е воведен ДДВ во Македонија (април 2000 година) оваа шема и досега неколку пати беше откриена, но предизвикот за лесна заработувачка кога сите „коцки“ ги имате наместено станува лесно примамлив.
Експертите со години предупредуваат на оваа лесно спроводлива шема без промена на Законот за ДДВ со обврската да се плаќа ДДВ-то само на платените фактури, а не како што е сега ДДВ-то да се плаќа и на ненаплатена фактура. Засега нема таква иницијатива за промена на законската одредба за плаќањето на ДДВ-то.
Се чека и на резултатите од предистрагата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Извор: мкд.мк