Македонските власти досега издале 64 лиценци за производство на медицински канабис но постои сериозен сомнеж дека во дел од лиценцираните компании освен за медицинска употреба се произведува и марихуана за црниот пазар.
Ова го открива меѓународниот медиумски проект БИРН на српски јазик (Балканска истражувачка репоретска мрежа) во свој извештај.
“Покрај THC Quality Group и Bull Building, уште 62 компании во Македонија имаат дозвола за одгледување канабис за медицински цели”, пишува во извештајот кој говори за контакти меѓу српскиот бизнисмен Предраг Колувија и фирми во Македонија.
Колувија беше уапсен во акцијата “Јовањица” на српските власти во 2019 година под сомневање дека илегално произведувал и дистрибуирал марихуана.
Случајот Колувија пред јавноста излезе на крајот на 2019 година кога човекот близок на влијателни српски функционери беше уапсен наводно случајно.
Предраг Колувија, кој пред 5 години влегол во бизнисот со одгледување марихуана за медицински потреби во Македонија, е уапсен во Србија, поради нелегално одгледување марихуана.
Српскиот „крал“ на органската храна стана таргет на полицијата кога таа упаднала во пластениците за одгледување органска храна на Колувија кај Стара Пазова уште во ноември 2019 година , по налог на тамошното обвинителство за гонење на организиран криминал.
Дел од медиумите во Србија тогаш објавија дека дека имотот на Колувија во минатото го имаат посетувано и владини министри, како на пример Александар Вулин, актуелниот министер за одбрана. При тие посети, фунционерите го промовираат примерот на Колувија како репер за бизнисмен кој го развива земјоделството.
Според српската опозициска Народна партија, причината што тамошните власти го криеле случајот е блискоста на Колувија со актуелната српска власт. Потпретседателот на партијата, Мирослав Алексиќ, обвини дека веднаш по претресот Колувија, прво, се јавил кај братот на српскиот претседател, Андреј Вучиќ. Токму тука приказната станува релевантна и за Македонија. Според Алексиќ, Колувија ја користел македонската фирма „Т.Х.Ц. Куалити гроуп“ за незаконски активности.
Што најде полицијата кај Колувија?
Според изештаите на српските медиуми, полицијата упаднала во пластениците на Предраг Колувија кај Стара Пазова каде при претресот на големиот имот на фирмата „Јовањица“ на Колувија, истражните органи откриваат околу 650 килограми марихуана подготвена за продажба и уште четири тона во сурова состојба.
Неофицијално, претресот бил направен случајно. Колувија со своето „Ауди“, на кое незаконски имал вградено ротациски светла, на пат го попречувал движењето на навидум цивилно возило. Но, во тоа возило бил шефот на белградското полициско одделение за борба против наркотици. Тој го застанал и легитимирал Колувија, кој пак му покажал фалсификувана полициска легитимација. На крај, приказната завршува и со откривање на нелегално оружје кај Колувија и со веќе споменатиот претрес во кој е откриена марихуаната.
Иако од апсењето на Колувија изминаа 18 месеци човекот кој се смета за бизнис партнер на луѓе блиски на премиерот Заев а кој е под лупа на органите на прогонот во Србија, во Македонија не е под истрага.
Expres.mk во наредниов период ќе анализира повеќе делови од извештајот кој открива сомнителни ситуации во Македонија во кои се вклучени и луѓе блиски на семејството Заеви.