Аларм во Грција и максимална готовност поради топлотниот бран со очекувани температури над 44 Целзиусови степени, викендов.

Денеска и утре, сите археолошки локалитети, вклучително и познатиот атински Акропол, ќе бидат затворени за посетители во најтоплиот дел од денот, соопшти Министерството за култура.

„Потребна е максимална претпазливост бидејќи тешките моменти не се завршени“, предупреди премиерот Киријакос Митотакис.

„Се соочуваме со топлотен бран со можно засилување на ветерот кој од понеделник ги разгорува пожарите околу Атина“, додаде премиерот.

Денеска, во централниот дел на земјава се очекуваат температури до 45 Целзиусови степени.

Според опсерваторијата во Атина, рекордната температура во градот била измерена во 2007 година и изнесувала 44,8ºC.

Највисоката температура во земјата била измерена во 1997 година во Елефсинос, во близина на Атина, и била 48ºC.