Внатрешниот македонски дијалог – нели така професоре Малески? – пишува Драган Милосављевиќ

Целосно се согласувам со Денко Малески дека за да се соочиме со Бугарите прво „треба да поведеме стратешки дијалог со самите себеси и појасно да ја формулираме нашата модерна македонска приказна“.

Се согласувам и дека „колку и да е задоцнет, потребен ни е дијалог дома во услови на слобода на мисла и изразување без диктат од една партија која одлучуваше за се, како и дијалог со Бугарија која не е веќе зад железната завеса туку е членка на НАТО и на ЕУ“.

Професорот е во право, ова не е повеќе државата во која СДСМ, односно СКМ имаа диктат и правеа како што тие мислат без да прашаат никого, иако носеа одлуки кои се од животен интерес за целата нација и за сите граѓани на Републиката.

Тоа што Малески перфидно се обидува да остави недоречена можност дека „диктатот на една партија“ е всушност дикатат од ВМРО-ДПМНЕ, не значи ништо бидејќи одамна пројде и времето кога за мислите и ставовите на нацијата и на граѓаните одлучуваа опскурните ликови од форматот на Тричко и Зоки Поки.

Всушност, почитуваниот професор во својот текст директно, иако без да сака, зборува против начинот на кој беше осмислен и спроведен Преспанскиот договор, без внатрешномакедонски дијалог и под диктат на една коалиција која ни оддалеку не ги застапува ставовите на сите граѓани на Македонија.

Дали е во прашање превид на Малески или просто грижата на совест го натерала вака „меѓу редови“ да ни ги открие вистинските причини за катастрофата во надворешната политика, мислам дека и не е толку важно.

Главниот момент на кој треба да се задржиме е токму потребата од внатрешен дијалог при што навистина ќе се чујат мислењата на сите и не само што ќе се слушнат, туку и ќе бидат навистина земени предвид кога ќе треба да се пресече во конфликтот со Бугарија.

Свесно велам конфликтот, бидејќи и покрај сите обиди од наша страна за помирливост, бугарската политика инсистира на судир и без никакво двоумење насилно се обидува да ни ја наметне сопствената вистина за нашата историја, јазик и идентитет.

Конечно, ако се покаже дека мнозинството од народот ги прифаќа политиките на актуелната власт, „еластичноста“ на нејзините ставови која оди до невидени граници, подготвеноста на „компромиси“ се во корист на нашата штета, тогаш нека биде така.

Но ако внатрешниот дијалог покаже дека мнозинството не се согласува со сите овие егзибиции, тогаш да се почитува таквиот став и надворешната политика да опстои на истиот без разлика на сите притисоци однадвор или одвнатре.

Едноставно, зарем не? Нели така професоре Малески?