Лидерот на ВМРО -ДПМНЕ Христијан Мицкоски се најде во пат ситуација по поразот на неговата партија против коалицијата СДСМ-БЕСА.
Мицкоски е ставен пред свршен чин и нема избор.
Каков избор воопшто може да има кога, во моментите во кои преку промени во статутот се откажа од Никола Груевски, против него за само 48 часа се кренаа најголем дел од оние кои се главните симболи на Груевизмот.
Што да се чини кога смена на Мицкоски бара еден од најбогатите и најмоќни луѓе во државата, кој беше 9 години шеф на тајната служба и кој сеуште е еден од главните аргументи на Заев и СДСМ, неутралните гласачи но и меѓународната заедница зошто ВМРО-ДПМНЕ не смее никогаш повеќе да се врати на власт.
Каков е изборот на Мицкоски пред можноста тој да замине а ВМРО-ДПМНЕ да биде преводена од Мијалков и неговите соработници? Има ли воопшто избор Мицкоски на 14 месеци пред локалните а според сите најави и новите предвремени избори?
Што би правеле вие ако од вас побара оставка Никола Тодоров еден од омилените министри на Груевски и своевремено главен кандидат за негов наследник, или Ивица Коневски поради кого во „вмровскиот“ Аеродром победи и мирно без потреси владее еден Златко Марин.
Во групата која Арсим Зеколи многу луцидно ја нарекува „Вмровците на Заев“ влегуваат и Митко Јанчев, Даниела Рангелова, „Осумтемина“ пребези со се Зекир Рамчиловиќ кој прво беше вмровски пратеник па беше кандидат на СДСМ на изборите а се уште се претставува како „вмровец“.
Всушност Мицкоски воопшто не мора да носи никаква одлука.
Напротив тој треба да биде пресреќен што лица од таков „калибар“ отворено станаа против него, што е доказ дека актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од трн во око на актуелната власт која позадински се обидува да му зададе низок удар.
Имено, одлуката тој да остане да ја води ВМРО-ДПМНЕ ја донесоа и ја зацврстија токму Мијалков, Тодоров, Јанчев и останатите од групата „вмровци на Заев“.
Во оваа интересна група не спаѓа само екс министерот за надворешни работи Никола Поповски за кого не мислам дека е под диктат на Заев или Мијалков. Неговото барање за промени во ВМРО-ДПМНЕ е легитимно но задоцнето.
Попоски во есента 2017 година имаше можност да се кандидира за наследник на Груевски и доби поддршка од голем број на високи партиски функционери кои тогаш во страв дека Мицкоски навистина е маша на Груевски се обидуваа на конгресот да се гласа за најмалку двајца кандидати, нешто што е стандард за нормална партија во нормална држава.
Тогаш Попоски од за мене необјасниви причини ја одби поддршката и не се кандидираше за претседател иако имаше шанси да победи.
Како изминува времето се појасно ми станува дека сите кои тогаш го оставиле релативно неискусниот Мицкоски да победи и сам да ја преземе одговорноста за партијата мислеле дека брзо ќе биде скршен со оглед на политичкиот и правосудниот прогон врз партиското раководство, на меѓународната блокада, на референдумот за името, терор врз пратениците за уставите промени , неможноста за коалиција со албански партии и товарот на двоецот Груевски-Мијалков кој ВМРО сеуште го носи особено кај неопределените гласачи.
Сега откако и покрај двата порази ВМРО-ДПМНЕ се стабилизира, либерализира и се исчисти од најголем број на „багажи“ (напуштање на „Белата палата“ е еден од останатите условите без кој не се може) сите сакаат да се вратат и да ја преземат партијата затоа што најтешките денови се оставени во минатото.
Тие што во овие 3 години од распадот на ВМРО -ДПМНЕ на Груевски ја водеа битката против Заев имаат секакво право да бараат такво нешто но тие што молчеа и чекаа друг да изгори за тие да дојдат на чистина немаат никакво морално право на тоа.
Што се однесува на формалните процедури да ја преземат партијата тука сите имат право да направат чекори контра МИцкоски.
Според тоа што го прочитав во медиумите новиот партиски статут е прилично либерален и им оди на рака на „Вмровците на Заев“. Се што треба да направат е наместо две третини од конгресот како порано, да соберат само половина од „конгресмените“ и да организираат нов конгрес на кој ќе кандидираат ривал на Мицкоски.
Зарем е тоа тешко за луѓе кои имаат огромно политичко и партиско искуство, пребогати компании, кои вртат и имаат стотици милиони евра можеби и милијарди евра. Зарем е тешко овие дваесетина наместо да се пресметуваат преку интервјуа и колумни, дури и со помош на нивниот ментор од Бихаќка да најдат, ако треба и да купат членови на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ и да го сменат Мицкоски.
Или знаат дека тоа е невозможно и нивната галама има само дефокусирачки цели: Да се зборува за состојбите во ВМРО-ДПМНЕ наместо да се зборува за криминалот под закрила на СДСМ.
Или пак се обидуваат да се позиционираат откако некој им кажал за „Досието Раш“ кое го водат „стратешки пријатели“ а е во финална фаза на разработка и наскоро ќе биде процесирано.
П.С.
Во политиката освен самите пораки важно е да се следи и timeline односно времето кога пораките се пуштаат. Причина повеќе за „тешката одлука“ на Мицкоски е временската рамка во која се бара неговата оставка. Координираните барања за кадровски промени дојдоа во момент во кој објективно шансите Мицкоски да направи влада се никакви, момент кој најдобро може да се опише со фразата „Џабировци стој, заеви вмровци напред“.