ВМРО-НП ја повика Владата да купи дронови!

ВМРО-Народна партија упати јавен повик до Владата на „Северна“ да набави дронови од Турција.

„Од војната меѓу Украина и Русија гледаме дека дроновите се покажаа како многу ефикасно оружје за напад, но и за одбрана на сопствената територија. Денеска од средбата меѓу турскиот претседател Ердоган и албанскиот премиер Рама дознавме дека и Албанија купила од ова моќно турско оружје наречено ‘Бајрактар’, а веќе е и најавено дека и Косово ќе купи од истите тие дронови. ВМРО-Народна партија ја повикува Владата на Северна Македонија, а посебно Министерството за одбрана, во догледно време исто така да влезе во преговори со нашиот турски пријател за купување соодветна количина дронови. Не гледаме причина зошто овие наши два соседа да поседуваат такво оружје, а македонската одбрана да биде надвор од тој процес“, стои во соопштението на партијата на поранешниот премиер Љупчо Георгиевски.