ВМРО-ДПМНЕ: Со противење за референдум, премиерот „го множи народот со нула“

Со одење против референдум, Димитар Ковачевски го помножи народот со нула, а народот ќе му покаже дека тој е нула, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ по денешната порака во Тетово на премиерот дека нерелевантно е барањето на опозициската партија за некаков референдум кој треба да биде изјаснување против зачленувањето во ЕУ.

„Република Северна Македонија на референдум при осамостојувањето се изјасни дека сака независна држава членка на ЕУ и на НАТО. ВМРО – ДПМНЕ е партија која беше против членство во НАТО, сега заедно со нивниот нов коалиционен партнер Левица се единствените две партии кои се против членството во ЕУ и тоа јасно го покажаа при гласањето за предлогот на ЕУ во однос на отпочнувањето на преговорите со Република Северна Македонија – рече Ковачевски.

Меѓутоа доминантниот број на пратеници 68 што ги претставуваат граѓаните донесоа одлука Република Северна Македонија да ги отпочне преговорите. Тој референдум што го зборува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е единствено заради нивна внатрешно-политичка употреба бидејќи нема политичка партија освен неговиот партнер Левица која е против НАТО и ЕУ и е за сојуз Централно-азиски некаков со Русија, да е против ЕУ“, оцени премиерот.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека лидерот на социјалдеморкатите Ковачевски оди „со глава во ѕид“ против народот, и тоа без да понуди никакво рационално објаснување зошто бега од референдум.

„Ако е сѐ како што кажува Ковачевски, тогаш нема причина да се плаши за своите политики. Но очигледно Ковачевски е свесен дека народот е против асимилацијата која тој ја турка и затоа бега од соочување со него“, заклучуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Потсетуваат дека референдумот е една од најголемите придобивки на демократијата и дека служи за власта да се води по ставот на народот.

„Со бегање од референдум, Ковачевски покажува дека не му е важен ставот на народот и го множи со нула, но тој треба да биде свесен дека со ваквиот однос кон народот тој самиот ќе биде нула и на референдумот и на следните избори“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.