ВМРО-ДПМНЕ: Со 900 милиони евра нов долг ќе се „крпи“ буџетската дупка

„Сега најавуваат ново задолжување од 900 милиони евра кое што нема да служи за развој туку за буџетска ликвидност. Тоа значи дека овој долг од скоро 1 милијарда евра е само за да се закрпи буџетската дупка.

Ете на кое дереџе дојде Македонија“ реагира ВМРО-ДПМНЕ.

За 5 години потрошија над 20 милијарди евра, а ништо не направија. За 5 години долгот порасна од 4,7 милијарди евра на над 7 милијарди евра и уште ќе расте до речиси 8 милијарди евра до крајот на годината. Ова значи дека оваа власт ја задолжи државата колку сите власти претходно“, стои во партиското соопштение и се додава:

„Резултат од задолжувањето на Македонија нема. Над 35% се во ризик од сиромаштија, а државата е во топ 5 најсиромашни земји во Европа. Последни сме во регионот по економски раст, последни сме по привлекување на странски инвестиции, а нема ниту домашни капитални инвестиции. Нема ништо од најавуваните нови клинички болници, автопати, училишта и слични ветувања. Граѓаните едвај врзуваат крај со крај. Инфлацијата само во месец март достигна 8,8%, цената на струјата за кратко време се покачи за 30%, горивата за 80%, килограм брашно поскапо 83%, додека литар масло за јадење е поскапо за 107%, а литар млеко е 47% поскап.

Парите од буџетот и од задолжувањата власта на СДСМ и ДУИ ги троши за милионски криминални физибилити студии, тендери во 4 очи, набавки на мебел, цвеќе, службени возила и жардињери.

Ова тонење на Македонија мора да престане. Мора да се оди на избори што поскоро бидејќи оваа власт не ги решава проблемите на граѓаните, туку само создава нови“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.