Понудата од првиот вицепремиер Артан Груби, Собранието да ги донесе уставните измени и веднаш да распише предвремени парламентарни избори, експресно беше одбиена од најголемата опозициска партија.

„Додека дели совети што е добро, а што лошо за македонскиот народ, добро е да се нотира дека Груби, исто како и Ковачевски, нема мандат да турка уставни измени без да биде прашан народот на избори. Нивната позиција прво уставни измени, па избори, значи пропаѓање на сите нивни лаги дека имале мнозинство за уставните измени, што значи дека по повеќе месеци континуирани манипулации се распрснува како меур од сапуница лагата дека само што тие не се изгласале“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во интервју за ТВ Канал 5, првиот вицепремиер Артан Груби ги повика ВМРО-ДПМНЕ на седница на Собранието со две точки на дневен ред – уставни измени и распуштање на Собранието и предвремени избори насс што според него, сигурно ќе се согласат „премиерот Ковачевски и господинот Ахмети“.

Тој предложи да се одржи седница со 2 точки на двениот ред: Прва точка уставни измени, втора точка распуштање на Собранието и предвремени избори.

„Бујрум, нека влезат нека гласаат, одиме на избори“, рече Груби, понудата ја оцени како компромис и ги повика пратениците од опозициската партија да се охрабрат.

Груби е убеден дека во ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција има пратеници кои би гласале за уставни измени, бидејќи има големо незадоволство и не сите се согласуваат со изолациската политика на Мицкоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ се децидни дека нема да дозволат уставни измени на шверцерски начин.