Откако изутринатам вицепремиерот Фатмир Битиќи рече дека од 1 јули ќе има поскапување на струјата, но ќе се врати дневната тарифа, на седницата за пратенички прашања пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски упати прашање до Ковачевски.

„Во врска со утринската изјава на вашиот вицепремиер за економски прашања, во врска со поскапувањето на струјата дополнително и воведувањето на евтина тарифа, прашањето ми е следно, колку ќе биде нето поскапувањето на струјата од 1 јули по основ на 8% покачување на ДДВ“, праша Стојаноски.

Ковачевски пак избегна децидно да одговори. Тој веднаш почна да се правда дека енергетската криза ја претвориле во можност.

„Ги заштитивме компаниите и граѓаните и го донесовме најголемиот пакет на антикризни мерки за граѓаните, и за одржување на ликвидноста за компаниите. Планот даде резултати. Во споредба со претходната година, имаме зголемено производство на енергија. Како резултат на тоа, успеавме да обезбедиме евтина струја„ – рече Ковачевски.