Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје побара поништување на одлуката на претходниот состав на Советот за промена на имињата на улиците во главниот град, а предложената точка на дневниот ред ја поддржаа и Левица, и Алијанса за Албанците.

„Тоа е одлука донесена од претходниот состав пред изборите и, според информациите со кои располагаме, таа има низа недоречености и неправилности, а недостига и одредена документација. Затоа бараме да се донесе одлука за поништување на оваа веќе донесена одлука за да се поправат недореченостите и неправилностите“, објасни советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска.

Против одлуката од времето на нејзиниот претходник Петре Шилегов се изјасни и градоначалничката Данела Арсовска.

„Некој се обидел да наметне самоволие, и тоа спротивно на законот, кој вели дека имињата на улиците не смеат да се менуваат во рок од една година пред одржување попис. Исто така, вакви одлуки не смеат да се носат непосредно пред избори. Ако одлуката била законска, досега ќе била спроведена“, изјави таа за телевизијата Сител.

Листата со нови 570 имиња на улици, мостови и плоштади во Скопје беше усвоена во февруари годинава, по што беше одобрена од Владата. Со неа се вратија старите имиња на улицата „Ленинова“, која во меѓувреме стана „Аминта Трети“, потоа на „Железничка“, која беше „Јордан Мијалков“, на „4 Јули“, која стана „Борис Сарафов“. Се вратија имињата и на улиците „Мексичка“ („Петре Пирузе“), „Каирска“, „Стив Наумов“ („Филип Втори“), „Салвадор Аљенде“ („Тодор Александров“), „29 Ноември“ („Костурски херои“), „Бихаќка“, „Владимир Комаров“ (23 Октомври), „Руди Чајавец“, „Жарко Зрењанин“, „Драчевска“, „Ратко Митровиќ“ итн.