ВМРО-ДПМНЕ: Не е веќе до името, загрозена е основната демократија

Не е веќе прашање за промена на името на Република Македонија, идентитетот и Уставот. Сега се бориме за основните демократски стандарди, за правна држава и еднаквоста на сите граѓани пред законите и треба да е јасно дека нема ниту НАТО, нема ниту ЕУ, без демократија, без правосудство, без слободни избори, истакна на пресот во понеделникот портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, од каде повторно повика на смена на Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Стоилковски уште еднаш ги презентираше записниците од изборните единици каде што на референдумот се гласало со звучна брзина, како и бројните јавувања и други прекршувања на законот за време на кампањата и на самото гласање, како образложение на нивното барање за смена на РЈО.

„И после сето ова, после вакви докази, после една недела од денот на референдум, РЈО молчи и не презема фактички ништо. Ете зошто ВМРО-ДПМНЕ бара да се испитаат нерегуларностите за време на референдумот, зошто се бара смена на РЈО, зошто се бара анкетна комисија во Собранието и зошто се бара почитување на договорената и сега веќе законската обврска за 100 дена техничка, Пржинска влада, која што ќе спроведува избори“, подвлече портпаролот на опозиционерите.

Токму затоа, вели Стоилковски, РЈО треба да си оди заедно со Зоран Заев и бандата на власт.

„Тие се сликата за се она што значи поданички, плашлив и сервилен правосуден систем во рацете на политички насилници! Република Македонија победи на референдумот, Република Македонија ќе победи и на следните избори“, заклучи Стоилковски.